„Коалициониот“ партнер на ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со линеарното покачување на пензиите
Најавеното линеарно покачување на пензиите од страна на Владата предизвика жестока реакција од Партијата на пензионери. Претседателот на партијата Илија Николовски го оцени потегот како „чиста политичка одлука“ без економско или социјално оправдување.
Не е јасно според кои параметри е донесена оваа одлука за покачување двапати по 1.000 денари. За ваков чекор потребна е анализа, а не произволна мерка.
изјави Николовски. Тој посочи дека според проценки на економски експерти, најголем дел од пензионерите – особено оние со примања над 20.000 денари – ќе бидат оштетени, додека корист ќе имаат само околу 7,5% од пензионерите.
Како алтернатива, Партијата на пензионери предлага системско решение преку нов закон за минимална пензија. Според предлогот, минималната пензија би изнесувала 70% од минималната плата, а просечната пензија 60% од просечната плата.
На тој начин би се намалил јазот меѓу најниските и највисоките пензии. Пред зголемувањето од по 2.500 денари двапати, разликата беше 1,7, а сега минималната е на 4,5% од максималната. Целта беше постигната, но со ова ново покачување се губи балансот.
предупреди Николовски, додавајќи дека таквиот пристап може да ја наруши стабилноста на Пензискиот фонд.
Тој нагласи дека кај пензионерите владее сериозно незадоволство, особено поради игнорирањето на реалните економски основи на пензионерскиот систем.
„Пензијата е економска, а не социјална категорија. За граѓаните во социјален ризик, државата треба да обезбеди поддршка преку посебни социјални програми, а не преку пензискиот систем“, рече Николовски.