Четиринаесет пожари на отворено досега – шест сѐ уште активни, најсериозно во југоистокот и истокот

6

Додека Македонија се соочува со екстремни летни температури, на територијата на земјата до 13:00 часот денеска, 25 јули 2025 година, се евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи.

Од нив, шест пожари се уште се активни и се шират, четири се под контрола, а четири се целосно изгаснати.

Најкритична е состојбата во југоисточниот и источниот дел на државата, каде огнот зафаќа нискостеблести и мешани шуми, сува вегетација и смрека. Пожарот во Општина Василево, кој започнал кај селото Нивичино и се проширил кон планините Голем Готен и Малешевските Планини, зафатил голема шумска површина. Интервенцијата е отежната поради тешко пристапниот терен и силниот ветер.

Во Прилеп, пожар беснее кај селото Бешиште и ридот Бешишки, со потенцијална закана да се прошири кон селото Градешница. Таму гори мешана шума, а ветерот дополнително ја отежнува контролата врз пожарот.

Активни пожари се бележат и во регионот на Македонски Брод, кај селото Црешнево, како и во околината на Штип, меѓу селата Драгоево и Селце, каде што пламенот уништува ниска шума и сува трева. Во Општина Карбинци гори област кај Јунузлија, а огнот е проширен и во Зелениково, кај селото Гумалево, каде што гори ниска и мешана вегетација.

Меѓу пожарите што се ставени под контрола се и оние кај селата Царевиќ и Смолани (Прилеп, Радобилски Рид), како и две жаришта во Македонски Брод – едното меѓу Локвица, Крапа и Црешнево, другото кај Грешница. Тие се стабилизирани со ангажман на локалните служби и мештаните.

Состојбата е стабилизирана и во Желино, каде што пожарот меѓу селата Церово и Групчин, кој гореше неколку дена, е ставен под контрола.

Четири пожари се целосно изгаснати: во Ресен, кај селото Долно Перово каде гореше трска и ниска вегетација, како и два пожари во Кочани – едниот кај селото Нивичани, другиот кај објект на „Стоименов“ ДООЕЛ. Изгаснат е и пожарот кај селото Латово во Македонски Брод.

Иако дел од пожарите се ставени под контрола, ризикот останува висок поради сувото и топло време. Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријават секој забележан пламен.

Makedonski