Соседството не мирува – Голем шумски пожар кај селото Илинденци, општина Струмјани — огнот се шири, ангажирани над 120 лица

7

Шумски пожар кој беснее во атарот на селото Илинденци, општина Струмјани, Бугарија, продолжува да се шири во источна и североисточна насока, информираат од Државното шумско стопанство – Струмјани. Засега пожарот не е ставен под контрола и зафатил околу 400 декари површина, од кои 270 се шума, изјави директорот на Главната дирекција за противпожарна заштита и спасување, главен комесар Александар Џартов.

Во гаснењето се вклучени повеќе од 120 лица – припадници на противпожарните единици, шумската служба, волонтери и работници од општина Струмјани. „На терен е ангажирана тешка механизација – два булдожери расчистуваат појаси, а фирми од регионот обезбедија цистерни со вода“, изјави градоначалникот Емил Илиев за БТА.

Во 15:38 часот, во гаснењето се вклучи и втор воен хеликоптер Ми-17 од 24-та воздухопловна база Крумово, кој од воздух помага во справувањето со огнената стихија.

Директорот на шумското стопанство во Струмјани, Иван Ризов, потенцира дека засега нема директна закана за Националниот парк „Пирин“, иако пожарот се приближува до викенд-населбата кај селото Илинденци. Пет лица кои се наоѓале во тој предел биле евакуирани уште синоќа како мерка на претпазливост.

Ризов додаде дека секоја помош од обучени волонтери е добредојдена, бидејќи теренот е непристапен, а огнот се шири со голема брзина.

Пожарот избувнал вчера околу 20:45 часот, а причините за неговото настанување сè уште се утврдуваат. Поради опасност за екипите на терен, привремено е исклучен високонапонски далновод што поминува низ регионот. Напојувањето со електрична енергија ќе биде обновено кога ќе се создадат безбедни услови за работа.

 

 

 

 

Ask ChatGPT

Makedonski