Сѐ поголема зависност на младите од вештачката интелигенција – аларм за загриженост
Зависноста на младите од технологијата, а особено од вештачката интелигенција, бележи постојан раст – тренд што, според експертите, носи сериозни последици. Извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, на неодамнешна конференција го потенцираше токму овој проблем, нагласувајќи дека младите генерации се сѐ повеќе потпираат на алатки како „Чет-ГПТ“ – и тоа не само за учење, туку и за носење животни одлуки.
Според Алтман, чет-ботовите стануваат доверливи дигитални партнери за младите, не само поради практичноста, туку и затоа што нудат поддршка што честопати ја немаат во секојдневието. „Некои млади велат: ‘Ме познава, ги знае моите пријатели. Ќе направам сѐ што ќе ми каже’“, истакна тој, предупредувајќи дека ваквиот однос, иако можеби изгледа безопасно, носи ризици по менталното здравје и способноста за самостојно размислување.
Истражување на организацијата „Комон сенс медиа“ покажува дека над 70% од младите веќе разговарале со вештачка интелигенција, а половина од нив барем делумно ги следеле нејзините совети. Особено е алармантен податокот дека децата на возраст од 13 до 14 години имаат поголема доверба во AI (27%), во споредба со тинејџерите од 15 до 17 години (20%).
Освен што добиваат совети, многумина користат чет-ботови и за емотивна поддршка, особено во ситуации кога не сакаат или не можат да разговараат со луѓе. Алгоритмите што ги користи вештачката интелигенција овозможуваат таа да ги памети и анализира разговорите, со што корисниците чувствуваат дека чет-ботот ги разбира подобро од родителите или пријателите.
Иако вештачката интелигенција има многубројни предности, Алтман предупредува дека премногу ослонување на неа може да доведе до отуѓување, изгубена способност за критичко размислување и зголемена пасивност кај младите. „Дури и кога AI дава подобри совети од терапевтите, идејата дека ќе живееме според упатства од алгоритам е длабоко проблематична“, рече тој.
Во „Опен АИ“ засега немаат конкретно решение за оваа појава, но велат дека активно ја анализираат ситуацијата. Додека технолошките компании бараат начин за справување со овој предизвик, младите остануваат длабоко поврзани со дигиталните алатки што стануваат сѐ поголем дел од нивното секојдневие.