ЕТИАС се пишмани па наместо предвидените 7 таксата за користење на ЕТИАС системот ќе чини 20 евра
Асоцијации на европски авиокомпании и туристички организации остро реагираа на предлогот на Европската комисија за зголемување на таксата за користење на ЕТИАС системот од првично предвидените седум на 20 евра. Тие оценуваат дека ваквиот чекор е неоправдан и бараат проценка на неговата оправданост, како и зголемена транспарентност во носењето на одлуките.
Според регулативата, Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС) треба да стане оперативен во последниот квартал на 2026 година. Тој ќе биде задолжителен за државјани на трети земји, меѓу кои и македонските граѓани, кои не им се потребни визи за краткотраен престој во ЕУ и Шенген-зоната. За влез во тие земји ќе биде потребно претходно онлајн аплицирање и плаќање на такса.
Иако Европската комисија го оправдува предлогот за повисока такса со растот на инфлацијата и трошоците за техничка изведба на системот, туристичките асоцијации сметаат дека споредбата со слични системи во други држави, како британскиот ETA или американскиот ESTA, е неоснована. Според нив, висината на надоместокот треба да се заснова на реалните оперативни потреби на системот, а не на трендови во други земји.
Во заедничка изјава, неколку европски здруженија – меѓу кои Авиокомпании за Европа, Европското здружение за туризам и Европската федерација за рурален туризам – предупредија дека кумулативното влијание од зголемувањето на таксата може да ја зголеми финансиската тежина врз семејствата, особено имајќи ги предвид веќе зголемените цени за сместување и патување.
Асоцијациите бараат од Европската комисија да објави детален преглед на трошоците, да размисли за алтернативни суми од 10 или 12 евра и да ја насочи евентуалната разлика од наплатените средства кон поддршка на туристичкиот сектор – преку инфраструктура, обука на кадар и еколошки иницијативи.
Таксата за ЕТИАС ќе важи три години, но овластувањето нема да важи ако се промени патниот документ (пасош). Со него, ќе може да се патува и престојува до 90 дена во период од 180 дена во сите 30 земји од ЕУ и Шенген-зоната.
ЕТИАС е дел од пошироките напори на ЕУ за зголемување на безбедноста на надворешните граници и следува по воведувањето на Системот за регистрација на влез и излез (EES), кој треба да започне со примена од 12 октомври 2025 година.