Голем шумски пожар кај Крива Паланка кој се шири кон Србија – ангажирани повеќе противпожарни екипи
Пожар со големи размери зафати над 50 хектари борова шума во атарот на селото Нерав кај Крива Паланка, со опасност од проширување кон соседните села Герман во општина Ранковце и територијата на општина Трговиште во Република Србија.
Како што информираат од Општина Крива Паланка, пожарот бил пријавен од мештаните, по што итно биле активирани екипи за интервенција од повеќе институции. Во акцијата за гаснење се вклучени Територијалните противпожарни единици од Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Србија), како и работници од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка и жители од погодените села.
Огнот сè уште не е ставен под контрола поради непристапниот терен и густата борова вегетација, што ја отежнува интервенцијата. Надлежните најавуваат дека гаснењето ќе продолжи и во текот на утрешниот ден.
Општинските власти апелираат до граѓаните да избегнуваат движење низ шумските и планинските предели и строго да ги следат насоките од надлежните служби, со цел заштита на нивната безбедност и ефикасност на интервенцијата.
Локалната самоуправа е во постојан контакт со сите релевантни институции и ќе продолжи да ја информира јавноста за текот на ситуацијата.