Село гори, баба се чешла
Знаете, се соочуваме со една чудна ситуација, кога оној кој треба да влева надеж и доверба кај народот, власта се разбира, постапува како исплашено дете на кое му е доделена огромна обврска и одговорност и притоа се однесува како исплашена опозиција која е спремна на се освен да „удри на маса“ и покаже малку повеќе одлучност и спремност да се справи со сите лоши „работи“, ние имаме Власт која пополнува „дупки“ со изветвената надворешна политика од пред шеснаесеттина години и некаква франкенштајн креатура од државно управување која не само што ја уназадува туку ја за закопува „големата слика“ за целината наречена Македонија.
И додека Македонија гори иако на почетокот бевме „уверени“ дека оваа нова Власт е спремна да одговори на секој и секаков предизвик, згора на тоа ја „реформиравме“ армијата во „елитна“ интервентна противпожарна бригада која од петни жили со сите сили се обидува да воспостави контрола но не и ред со кризната ситуација која како и да ја нема, сите подзаконски акти за функционирање во кризна состојба се или промашени или тој што треба да ги имплементира впрочем не ги ни распознава.
Еден владин повереник, кога критичната маса (каква-таква) во Македонија почна да негодува во однос на „репарираните“ расходувани моторни возила на армијата кои неодамна беа пуштени во реупотреба како противпожарни иновации, рече дека истите возила ги управуваат обучени луѓе од редовите на специјалните полициски и армиски сили за кои отсекогаш постоела тренинг програма за управување со таков вид возила, за после помалку од месец дена истиот владин повереник да рече дека, „возилата се расипуваат бидејќи ги возат необучени возачи“. И сега која е поентата?! Студио?!
Одиме понатаму, имаме настан кој требаше Македонија да се гордее со него, знаејќи дека со големи усилија се лобираше токму оваа држава да ја добие довербата да организира настан од светски размери каков што е „Европскиот младински олимписки фестивал“. И сето ова ќе беше супер да не беа запрепастените лица на учесниците на спортскиот настан кои со свои очи и на своја кожа ја почувствуваа маката на нивните врсници од Македонија. Срушени тавани, реконструкција на улици кои во рок од 15 минути треба да ги возат натпреварувачи или безбедност во сообраќајот каде за среќа не заврши со трајни последици по натпреварувачите, медиумски мрак и тотална неинформираност. Згора на сето ова па и информацијата дека некои учесници дури дополнително плаќале, а тука добиваат бесплатен престој во склоп со настанот. Мислам, чекајте, сериозни сте?!
Министерот за Спорт на почетокот рече дека „нашата држава“ е спремна тип-топ за реализација на овој голем настан со сите нишани, за потоа како единствени виновници за сите „нерегуларности“ да ја префрли топката кон градоначалничката на Скопје и организаторите кои патем се исто така владини повереници од „Младинскиот олимписки комитет“.
Во целава оваа искривена слика и во исто време имаме и протест на екологисти кои се противат со изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница која ја краси планината Кожув. И вчера токму на тој протест со своја поддршка присуствуваше и активистката Грета Тунберг која со огромна медиумска помпа небаре дошла некоја принцеза, заигра оро насред Кожув, а медиумите тоа го пренесоа како настан број 1 во Светот.
И сега доаѓаме до моментот кога се удираме во главата и се прашуваме зошто и кој ја донесе Тунберг да заигра оро и да ја дефокусира сета јавност од сите останати случувања чии што случувања доведоа и до прогласување на кризна состојба?!
Ех, ќе заборавев. ЈСП вчера издаде соопштение дека жичницата кон Водно оди на сервис без конечен рок за колку време ќе стои затворена, притоа во некои пренесени медиумски артикли стоеше дека додека траел сервисот на жичницата луѓето нека одат пеш кон Водно, во сред кризна состојба и во сред забрана за движење по шумски предели. Па побогу, има ли пилот во авионов?!
Денеска Тунберг, наредно традиционално за Илинден, Лепа Брена во Охрид и од средината на август кренуваме со предизборна кампања (ова не важи за тие што веќе почнаа да лобираат помеѓу народот, а притоа ДИК молчи но тоа е веќе друга приказна…).
Македонија гори, а Грета оро игра.