„Мета“ ги укинува политичките реклами во ЕУ од октомври
Технолошкиот гигант „Мета“, сопственик на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Вацап“, соопшти дека од почетокот на октомври ќе ја укине можноста за политичко, изборно и општествено ангажирано рекламирање на територијата на Европската Унија. Компанијата одлуката ја нарече „тешка“, но неопходна поради новата европска регулатива за транспарентност и таргетирање во политичкото рекламирање (TTPA), која, според нив, создава сериозни правни и оперативни пречки.
Од „Мета“ предупредуваат дека новите правила ограничуваат до која мера огласувачите можат да ги таргетираат своите пораки, што резултира со помала релевантност за корисниците и помал ефект за огласувачите. Компанијата истакнува дека била соочена со „невозможен избор“ – да обезбеди платформа која не функционира ефикасно или целосно да го укине овој тип реклами.
Иако „Мета“ од 2018 година воведе мерки за транспарентност, како обврска за идентификација на огласувачите и јасно означување на политички реклами, компанијата смета дека новите регулативи наметнуваат дополнителна и несоодветна правна сложеност. Оттаму ја опишуваат оваа мерка како уште една закана за персонализираното рекламирање, која ги поткопува придобивките за потрошувачите и пазарната конкуренција.
Слична одлука донесе и „Гугл“ во ноември минатата година, што „Мета“ го посочува како показател за поширокиот ефект на регулативата.
Важно е да се нагласи дека одлуката се однесува само на платено рекламирање во рамки на ЕУ. Политичките актери, партии и корисници ќе можат и натаму да објавуваат и споделуваат политичка содржина на платформите на „Мета“, но без можност да платат за нејзина промоција и пошироко дистрибуирање.