Во Скопје е вратен споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето кој беше отстранет пред неколку години

2

Вчеравечер спроти кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје е вратен познатиот споменик на револуционерот Андон Лазов Јанев – Ќосето. Градоначалничката Данела Арсовска на својот фејсбук-профил објави дека после долго време го враќа споменикот којшто беше отстранет од пред судовите од ексградоначалникот Петре Шилегов.

„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.“ напиша Арсовска на својот фејсбук-профил по поставувањето на споменикот.

„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава.“ додаде Арсовска.

Одлуката за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил својот брат, беше донесена на Советот на Град Скопје во декември 2023 година.

Makedonski