Левица и СДСМ бараат одговорност и оставка од Борко Ристовски за дебаклот на ЕМОФ

5

„Иако Владата на ДПМНЕ само што дојде на власт веднаш отвори ново Министерство за спорт, денеска, по фијаското со организацијата на ЕМОФ, министерот Борко Ристовски апсурдно се обидува да се прогласи за ненадлежен, иако фактите и логиката го велат спротивното!

Не само што пред само неколку месеци лично ветуваше дека Македонија ќе биде одличен домаќин и дека министерството и Владата силно стојат зад овој настан, туку сега, кога спортисти колабираа во несоодветни сали, се асфалтираа улици непосредно пред натпревар, кога учесници плаќаат енормни суми за мизерни услови и кога дури ни скопјани не знаеја дека нивниот град е главен домаќин на ваков голем настан – министерот Ристовски, кој се сликаше до моментот на отворањето на настанот, сега активно се обидува да се дистанцира од организацијата и настојува да ја убеди јавноста дека неговото министерство нема ништо со ова фијаско“, се нагласува во реакцијата на Левица.

Потоа од партијата прашуваат – кога Министерството за спорт бега од одговорност за еден од најголемите спортски настани во земјата, со илјадници млади учесници и милионски буџет останува логичното прашање: за што тогаш постои ова министерство?

„Како може министерот да дозволи вака срамно и непрофесионално претставување на државата на меѓународна сцена? Вакво оградување од сопствените обврски стана препознатлив белег на функционерите од ДПМНЕ, но овојпат тоа се случува во контекст на настан од европско ниво за кој беа пријавени околу 4.000 млади спортисти и за кој беа потрошени милиони евра и од државниот буџет“, велат од Левица.

Од оваа партија сметаат дека министерот Ристовски е должен да одговори на повеќе прашања.

„Каде заврши финансиската поддршка од еден милион евра што беше директно побарана од претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски?

Дали ги следи случувањата во МОК и дали ќе побара одговорност од претседателот Димевски меѓу другото и за непотизмот, односно трансформацијата на МОК во семејна фирма?

Ова не е првпат Левица да укажува за скандалите на МОК и претседателот Димевски – поранешен советник на Зоран Заев, со сериозни индиции за криминален багаж и осомничен за злоупотреба на спортските ваучери. Она што е уште пострашно е што и самиот Борко Ристовски, додека беше во опозиција, зборуваше за овие криминали, особено за плацевите на Кале и изјавуваше дека претседателот може ‘лесно да се реши’. Но денес, молчи. Не само што не постапува и не упати една критика за МОК и претходно толку критикуваниот претседател… напротив, се слика со организаторите, оправдувајќи го целиот хаос“, велат од Левица..

Тие инстистираат дека „овој срамен настан“ мора да биде темелно истражен и подложен на ревизија од надлежните институции!

„На државен срам не може да се одговара со бегање и оградување. За крахот на ЕМОФ одговорност мора да се понесе. Борко Ристовски, како поранешен голман, треба да знае дека кога екипата претрпува тежок пораз, најповикан е селекторот, без разлика на неговите намери“, порачуваат од Левица.

Претходно, од опозициската СДСМ, поради истиот случај со хаотичната организација на ЕМОФ, побараа оставка од актуелниот министер за спорт, Борко Ристовски.

„Македонија е понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-тиот век пред целиот свет. Резил каков што Македонија нема доживеано во својата 35-годишна независност, приредена од никој друг туку од човекот кој пред само неколку месеци ја убедуваше македонската јавност дека како министер за спорт ќе ја организира најдобрата Младинска олимпијада во светот, Борко Ристовски“, изјави денеска на прес- конференција Панче Милевски – Панта од Комисијата за спорт на СДСМ.

Од оваа партија саркастично парафразираат дека ако секаде во светот важи максимата „важно е да се учествува на Олимпијада“, во Македонија важи максимата „важно е да се преживее на Олимпијадата“.

„Младите спортисти кои своите олимписки кариери ги започнуваат токму од оваа младинска олимпијада, поради катастрофалната организација на настанот се во ризик целосно и прерано да ги завршат своите спортски кариери во Македонија. Двајца атлетичари од Исланд беа хоспитализирани со скршеници и други повреди откако беа прегазени во Куманово поради необезбедена траса за велосипедски трки. Наместо одговорност, од МВР тврдеа дека атлетичарите се виновни. Десетина атлетичари добија труење со храна. Секојдневно колабираат десетици атлетичари поради недостатокот на вода за пиење, нередовниот превоз кој атлетичарите го чекаат и по неколку часа на 43 степени, како и неклиматизираните простории во кои престојуваат. Најгордата влада ги смести младите олимписки атлетичари во студентски домови во кои нема климатизација, во кои нема функционални тоалети, нема тушеви.Атлетичарите се принудени да спијат по двајца во ист кревет, а во некои случаи спијат и заедно со тренерите, за што и самите тие сведочеа за медиумите“, се наведуваат од СДСМ повеќе инциденти на оваа спортска манифестација што се одржуваше во Скопје.

Поради „дебаклот“, како што ја нарекуваат организацијата на ЕМОФ, од СДСМ категорично бараат оставка на Борко Ристовски од министерската функција.

„Најмалку што може Борко Ристовски да направи е да се сокрие, и да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата министер за спорт. И тоа не само поради дебаклот со младинската олимпијада, туку и поради катастрофалните резултати кои ги имаат сите македонските спортски федерации на истата оваа Младинска Олимпијада“, додаваат од СДСМ.

 

Makedonski