Педесет и еден пожар регистриран во Македонија, осум сè уште активни
Во текот на последните 24 часа, низ територијата на Македонија се регистрирани вкупно 51 пожар, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, осум пожари се сè уште активни, седум се ставени под контрола, додека останатите 36 се целосно изгаснати.
Моментално, најкритични се огнените жаришта кај селото Нивичино, на планината Голем Готен и во Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и друга ниска вегетација. Пожар е активен и кај селото Бешиште, како и во регионот меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен и Галиште, како и во Трстеник (општина Кавадарци), каде што е зафатена мешана шума и ниска вегетација.
Гори и на потегот помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, како и во близина на селата Церово и Групчин, каде што се зафатени деградирани шуми. Дополнително, активни се пожари и кај селото Нерав, каде што е опожарена висока борова шума, како и во селата Горно Црско и Ќосевица, каде што се зафатени ниска шума и борова вегетација.
Надлежните служби се на терен и постојано ја следат состојбата.
Пристигнува меѓународна помош за гаснење на пожарите во Македонија
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека во земјата веќе пристигнала меѓународна помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел поддршка во справувањето со активните пожари низ државата.
Во моментот на терен делуваат еден хеликоптер од Србија и еден од Чешка.
изјави Ангелов.
Тој најави дека во наредниот период се очекува да пристигнат дополнителни ресурси од неколку европски земји – еден хеликоптер од Словенија, четири противпожарни авиони „ер трактори“ (два од Шведска и два од Германија), како и тим од Унгарија составен од 46 припадници опремени со 13 возила, меѓу кои и специјализирани теренски возила за гаснење пожари.
Интернационалната поддршка пристигнува во клучен момент, кога земјата се соочува со зголемен број на пожари и тешко пристапни терени.