Кипарскиот претседател се извини за неуспехот на институциите во справувањето со катастрофалните пожари во Лимасол
Претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, упати јавно извинување во име на државата поради несоодветната реакција на властите при неодамнешните пожари во планинскиот регион на Лимасол, кои одзедоа два човечки животи, предизвикаа голема материјална штета и опустошија над 120 квадратни километри.
„Во клучен момент, институциите не одговорија како што требаше“, изјави Христодулидис во телевизиско обраќање, нагласувајќи дека побарал сите надлежни служби до крајот на неделата да достават детални извештаи за своето делување, кои ќе бидат јавно објавени и ќе послужат како основа за системски подобрувања.
На средба со локалните власти од најтешко погодените села, тој најави пакет од 12 итни мерки за поддршка на настраданите – меѓу нив финансиска помош за итни потреби, привремено сместување, психолошка поддршка, субвенции за кирија за останатите без дом, целосно обештетување за неосигурени куќи, годишна компензација за земјоделци и сточари, како и еднократна помош до 10.000 евра за семејства со целосно уништени домови.
Христодулидис изрази сочувство до семејствата на загинатите и благодарност до сите ангажирани професионалци и волонтери. Тој нагласи дека, и покрај вложените напори за модернизација – вклучувајќи нова опрема, дополнителен кадар и пренос на воздухоплови под команда на Националната гарда – потребно е сериозно унапредување на системот за управување со катастрофи.
Според официјалните податоци, пожарот зафатил 191 објект во 13 населени места, од кои 93 куќи се целосно уништени. Како најверојатна причина се наведува намерно палење на сува вегетација во селото Малја, но осомничените сè уште не се идентификувани.