Детска забава и креативни работилници утре во паркот „Капиштец“

3

Во рамки на манифестацијата „На одмор сум, во Центар сум“, утре (29 јули) од 19:00 до 20:30 часот, паркот во скопската населба Капиштец ќе прерасне во простор за детска игра, креативност и забава на отворено. Настанот, организиран од Општина Центар и издавачката куќа „Паблишер“, е наменет пред сè за деца од 2 до 8 години, но се повикуваат сите генерации да се приклучат.

Целта на оваа долгодишна манифестација е да се поттикне квалитетно и активно користење на слободното време кај децата во урбаното јадро на Скопје. Како што најавуваат организаторите, паркот ќе биде претворен во вистинска детска оаза со различни креативни и интерактивни зони.

Програмата предвидува креативни работилници, цртање, бојадисување, интерактивни игри, потрага по „изгубено богатство“, читање сликовници и доделување награди – активности што имаат за цел да ги поттикнат детската фантазија, моторика и тимска работа.

Најмладите посетители ќе можат да се дружат со популарните ликови Стела и Сани, да уживаат во настапот на пантомимичар со бело лице и да се смеат со актерот Мартин Јорданов од Театарот за деца и младинци.

Makedonski