Зонското паркирање се шири и во Реонски центар и Ново Лисиче – наплатата најдоцна до крајот на септември
Најдоцна до крајот на септември, зонското паркирање ќе започне да се применува и во скопските населби Реонски центар и Ново Лисиче, каде засега паркирањето е бесплатно. Како што информира градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, се чека официјално одобрување на проектот за старт на наплатата.
„Иако со зонското паркирање раководи ЈП Градски паркинг – Скопје, ние сме во постојана координација со нив. Општината веќе изготви проект и сега сме во фаза на добивање согласност од Град Скопје и Министерството за внатрешни работи. Веднаш по одобрувањето, ќе следува обележување на паркинг просторот и поставување на соодветни табли“, изјави Митески.
Планот предвидува зонското паркирање да започне истовремено во двете населби, по барање на жителите кои стравуваат од прелевање на возила од едниот во другиот реон. Тие подолго време укажуваат на недостиг од паркинг места и нерегулиран сообраќај, при што нивните паркинзи се окупираат од возила на луѓе кои работат во други делови од Скопје, како и од автобуси и комбиња.
Со воведувањето на зонското паркирање, локалните власти очекуваат да се зголеми достапноста на паркинг местата за жителите и да се воведе поголем ред во паркирањето.