Европскиот фронт ќе има свој кандидат за Град Скопје

4

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, потврди дека Европскиот фронт ќе настапи со свој кандидат за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори, иако конкретното име сè уште не е објавено.

ДУИ и коалицијата што ја сочинуваме ќе имаат свој кандидат за Град Скопје. Имињата се очекува да бидат потврдени од партиските органи, и веднаш потоа ќе бидат споделени со јавноста.

изјави Адеми.

Тој ја потврди и коалициската соработка со Арбен Таравари, потенцирајќи дека веќе постои договор со лидерот на Алијанса за Албанците за заеднички советнички листи на локалните избори.

Реакција стигна од Изет Меџити, лидерот на Демократско движење и актуелен вицепремиер, кој оцени дека Таравари всушност се дистанцирал од коалицијата ВЛЕН со намера да се приклучи кон ДУИ.

Г. Таравари ја напушти ВЛЕН под изговор дека ќе настапи со свои листи, но сега гледаме дека целта му била да му се приближи на Ахмети.

рече Меџити.

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека нивните кандидатури ќе бидат објавени по 15 август. Познато е дека ќе имаат заеднички кандидати со партијата ЗНАМ во Центар и Куманово, каде што Максим Димитриевски ќе се бори за трет мандат.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека на локално ниво ќе соработуваат со партиите од коалицијата ВЛЕН, но и дека во некои општини ќе настапат одделно, според сопствени стратегии.

За Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ќе го кандидира Орце Ѓорѓиевски, а СДСМ ќе настапи со поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова. Коалицијата ВЛЕН исто така најави свој кандидат.

Локалните избори се очекува да бидат распишани на почетокот на август, а како најверојатен датум за одржување се споменува 19 октомври.

Makedonski