Променливо и нестабилно време во следните 24 часа – дожд и грмежи, особено во северозападниот дел од земјата
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), вечерва облачноста ќе се зголеми, особено во северозападните делови од земјата, каде во текот на ноќта и раните утрински часови се очекува локален пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Утрешниот ден ќе биде променливо облачен и посвеж, со повремени врнежи од дожд и нестабилност проследена со грмежи. Локално се можни краткотрајни невремиња. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе се засилува.
Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 12 и 22 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 27 до 35 степени Целзиусови.
Во Скопје, утре се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд во утринските и претпладневни часови, како и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој попладне во делови од котлината ќе се засилува. Температурите во главниот град ќе се движат од 19 до 33 степени.