За само една година, за 77 отсто пораснал бројот на случаи на хепатитис Ц
Денеска Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува Светскиот ден на хепатитисот, со цел да ја зголеми свесноста и јавно-здравственото значење на вирусните хепатити, посебно за хепатитот Б и Ц, заболувања кои претставуваат сериозен предизвик за глобалното здравје. Според статистичките податоци, вирусниот хепатитис Ц во Македонија во 2024 е регистриран со 16 случаи, односно се регистрира зголемување од 77,8% во однос на 2023 година.
Овој ден се одбележува во чест на роденденот на д-р Барух Самуел Блумберг, – американски научник заслужен за откривање на вирусот на хепатитис Б (HBV) и за развој на вакцина против овој вирус.
Годинашната тема „Хепатитис: Да ги разбиеме бариерите“ повикува на итна акција за отстранување на финансиските, општествените и системските пречки, вклучително и стигмата, кои стојат на патот на елиминацијата на хепатитисот и превенцијата на рак на црниот дроб.
„Кампањата е потсетник дека мора да делуваме веднаш за да го прошириме пристапот до превенција и дијагностика, да овозможиме интегрирано лекување и да го ставиме крајот на хепатитисот како јавно-здравствен проблем до 2030 година“, велат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Вирусниот хепатитис е воспаление на црниот дроб предизвикано од пет различни типови вируси: A, B, C, D и E. Тие се разликуваат според начинот на пренесување, сериозноста на болеста и достапноста на превенција и лекување. Хепатитис А е акутно вирусно заболување на црниот дроб што се пренесува по фекално-орален пат. Не предизвикува хронична болест и има ниска смртност. Прележана болест дава доживотен имунитет. Достапна е ефикасна и безбедна вакцина која се препорачува при патување во ризични региони или по епидемиолошки индикации. Во Македонија, во 2024 година, вирусниот хепатитис А, е регистриран со 3 заболени лица и инциденца од 0,2 на 100.000 жители. Во периодот 2015-2024 година се регистрира негативен тренд на бројот на пријавени случаи, со најмал број на заболени и инциденца во 2024 година.
Хепатитис Ц – се пренесува преку контакт со заразена крв, најчесто при инјектирање дрога или спроведување на небезбедни медицински процедури. Често нема симптоми, па многумина не знаат дека се заразени. Кај повеќето заразени се развива хронична инфекција, која со тек на време може да доведе до цироза или рак на црниот дроб. Не постои вакцина, но достапни се ефикасни антивирусни терапии со кои хепатитис Ц може целосно да се излечи.
Хепатитис Б е инфекција на црниот дроб предизвикана од вирусот на хепатитис Б (HBV). Може да се пренесе преку контакт со инфицирана крв и други телесни течности, преку инјектирање дрога, користење на не-стерилен медицински прибор и преку незаштитен сексуален однос. Може да се пренесе и од мајка на новороденче при породување. Инфекцијата може да биде акутна или хронична, а хроничниот хепатитис Б може да доведе до цироза и рак на црниот дроб. Достапна е ефикасна и безбедна вакцина, која е најефективна мерка за превенција. Вирусниот хепатит Б, во 2024 година, е регистриран со 57 заболени лица. Во Р. С. Македонија, вакцината против хепатитис Б е воведена во Календарот на имунизација како задолжителна вакцинација од 2004 година. Со вакцинација се опфаќаат сите новороденчиња, а вакцинацијата се спроведува со давање на три дози вакцина против хепатитис Б.