Денеска собраниска расправа околу интепрелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија не ги менува ставовите преку ноќ, одговарајќи на новинарски прашања дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од пратеничката група на Левица. Тој најави дека конкретниот став ќе биде соопштен денес.
Јавноста ќе го види тоа, но ние како политичка партија и јас како личност, не ги менуваме нашите ставови преку ноќ.
изјави Мицкоски.
Интерпелацијата ќе се најде пред пратениците утре. Левица бара разрешување на Коцевски, обвинувајќи го за селективна истрага во случајот со трагедијата во Кочани и за наводна заштита на функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, од партијата посочуваат дека Обвинителството функционира под политички и логистички притисоци, а неговиот мандат го карактеризираат како период на хаос во Вишото јавно обвинителство во Скопје.
Коцевски, пак, преку писмо испратено до пратениците, ги отфрла сите обвинувања, нарекувајќи ги политички мотивирани.
Ова не е првпат неговиот мандат како државен јавен обвинител да биде доведен под прашање. Претходно годинава, Владата предводена од Мицкоски иницираше постапка за негово разрешување, доставувајќи предлог до Министерството за правда. Иако предлогот беше повратен од Министерството, тој не беше проследен до Собранието. Премиерот тогаш изјави дека постапката е одложена поради трагедијата во Кочани, но најави дека ќе продолжи по завршување на истрагата.