ССМ бара 500 евра минимална плата и зголемување на сите плати за 6.000 денари
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност и најави дека на утрешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе го покрене прашањето за зголемување на минималната плата на 500 евра, како и за дополнително зголемување од 6.000 денари на сите останати плати.
Утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени.
порача претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според ССМ, синдикалната минимална кошничка е зголемена за 6.500 денари во текот на минатата година, а оваа година само трошоците за храна и пијалаци пораснале за 2.000 денари. Вкупно, тоа претставува дополнителни 150 евра месечни трошоци за едно четиричлено домаќинство.
Трендафилов оцени дека веќе не се одржливи изговорите дека работниците и работодавачите треба сами да постигнат договор за зголемување на минималната плата, и апелираше Владата директно да интервенира.
Цитирајќи податоци од Евростат, тој посочи дека 55,7% од работниците во земјава не можат да си дозволат ниту седумдневен одмор во бунгалов во Дојран, што, како што рече, треба да биде аларм за креаторите на економските политики.
– Минималната плата во Македонија е 400 евра, што е пониско од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска. Владите во регионот даваат поддршка на работниците — тоа треба да го направи и Владата во Македонија, додаде Трендафилов.