ПРИСИЛНИТЕ ДЕТСКИ БРАКОВИ – ЗЛОСТОРСТВО И КАЗНА

10

Го нарекуваат брак, но за десетици девојки од Северна Македонија тоа е всушност експлоатација завиена во културолошки норми. Присилните детски бракови станаа доминантна форма во трговијата со деца – скриено кривично дела кое на децата им ја краде слободата, безбедноста и иднината.

„Преку присилни бракови, сексуална и трудова експлоатација  децата стануваат  жртви на злосторства направени од страна на  возрасните, кои земаат се’ повеќе замав. Од 56 идентификувани жртви во Република Северна  Македонија, во последните три години 15 биле деца, од кои половината, односно 7 на возраст од 13 до 17 години биле жртви по основ на присилен детски брак“ – вели Ана Бурагева Алексова,  Секретарка на  Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Северна  Македонија.

Во последните десет години, вкупно се идентификувани 138 жртви на трговија со луѓе, од кои 45 се деца. Ова значи дека речиси една третина од сите жртви се најмладите и најранливите лица во нашето општество. Од овие 45 деца, 19 биле жртви на присилен детски брак, што дополнително ја нагласува сериозноста на проблемот. Најчесто станува збор за девојчиња, а овие случаи се појавуваат во заедници со зголемена социјална и економска ранливост. Податоците покажуваат дека постои тренд на „внатрешна трговија“, односно експлоатација во границите на државата, што ја прави оваа појава уште потешко препознатлива и укажува дека присилните бракови не се само културен или социјален феномен, туку реалност која го нарушува основното право на децата, правото на образование, на слобода и на безбедност,“ – објаснува Бурагева Алексова.

Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Република Северна Македонија, во соработка со заедничката програма на Советот на Европа и Европската Унија „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, а по препораките на Експертското тело за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа – ГРЕТА,  прави огромни напори за спречување на ова  злосторство врз децата.

Нашата заложба како Национална комисија е токму тоа – да обезбедиме интегриран, континуиран и одржлив систем на заштита, кој ќе ги стави децата во центарот на вниманието, не само како ранлива група, туку како носители на правото на безбедно, достоинствено детство. Во рамките на овие приоритети, спроведуваме континуирани обуки за полицијата, социјалните служби, образовниот кадар, како и за здравствените работници. Целта е јасна – навремено и точно препознавање на индикаторите за трговија со луѓе/деца, особено кај најранливите категории. Ја јакнеме меѓу-секторската соработка преку системска координација на клучните министерства, но и граѓанскиот сектор. Во таа насока, клучна улога имаат мобилните тимови – кои работат на терен, директно со семејства во ризик. Нивната задача е рана детекција, едукација и идентификација на можни случаи на трговија со деца, вклучително и случаи на присилни детски бракови, кои во дел од заедниците сè уште се третираат како „нормална“ практика,“ посочува Ева Илиевска, Заменик национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна  Македонија. 

РАНИОТ БРАК ЕДИНСТВЕНА „ОПЦИЈА“?!

„За жал, појавата на принудни детски бракови не се третира како трговија со деца, експлоатација и насилство, туку, останува скриена, зад параванот на обичаите, родова улога или сиромаштија“ – истакнува  Секретарката на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Бурагева Алексова, нагласувајќи дека токму социјалните и културолошките компоненти се основните причини за ова грозоморно злосторство врз децата.

„Најпрвин, тука е сиромаштијата – семејствата го гледаат детскиот брак како начин да ја „обезбедат“ иднината на девојчето, или како начин да добијат финансиска корист или друга имотна добивка,  социјалната исклученост – кога семејството и самото дете се целосно надвор од институционалниот систем. Без документи, без образование, без пристап до здравство или услуги, тоа дете станува невидливо за државата, а токму ваквите деца најлесно стануваат жртви. Недостигот на образование, особено кај девојчињата – во средини каде образованието не се вреднува, многу често води кон ран брак како единствена „опција“ што им се нуди на девојчињата. Од друга страна и културолошкиот фактор – традиционалните практики сè уште ја нормализираат идејата за „девојче на 13-14 години да стапи во брак. Тоа што некоја практика е „традиција“ не ја прави прифатлива иако ја загрозува добросостојбата на детето. Исто така, постои сериозен недостаток на информираност – и кај децата, и кај родителите. Голем дел од нив не знаат дека присилниот брак со дете е форма на трговија со луѓе, и затоа не пријавуваат, не бараат помош и не препознаваат дека станува збор за жртва, ниту пак за кривично дело“- вели таа.

ДЕЦЕНИСКА БИТКА ПРОТИВ ТРГОВИЈА СО ДЕЦА ЗА ПРИСИЛНИ БРАКОВИ 

  „Значи буквално тие бракови се договараат, децата не знаат ни каде одат ни со кого ќе стапат во т.н брак.“ раскажува од својата 20 годишна пракса, поранешниот Полициски началник при МВР Љупчо Маркудов, кој директно бил вклучен во истрагите водени за спречување на трговија со луѓе, а денес како експерт-консултант активно делува за спречување на ова злосторство.

„Ќе ви кажам еден случај. Дете, девојче Ромка на возраст од неполни 13 години прв пат беше мажена од страна на своите родители,  во Косово, за што родителите  добиваат паричен износ од  3 илјади евра и детето  е дадено во семејство во Косово. Меѓутоа, тука нон-стоп плаче и бара да се врати дома. И оваа ситуација не се смирува. По неколку месеци сватовите од Косово го враќаат детето дома и бараат поврат на парите. Во меѓувреме, нејзините родители преку нивни роднини наоѓаат „нов сопруг“, и ја мажат во Србија. Нејзините родители од тоа заработуваат 2 илјади евра. Во новото семејство, детето било принудено да ги работи сите домашни работи и тоа работи кои не соодветствуваат на нејзината возраст и физички развој. Истата морало да има и сексуални односи со младоженецот кој бил полнолетен, но и со другите машки членови од семејството. Случајот го пријавува во полиција, блиска роднина од семејството, по што во содејство со колегите од Србија беше спроведена истрага. Детето веднаш од страна на специјализирани стручни служби најпрво во Србија, а потоа и во Република Северна Македонија беше згрижено и му беше обезбедена соодветна помош и поддршка. Детето сега е во згрижувачко семејство и се опоравува натаму. За жал овие случаи за трговија со деца ги имаше многу, иако најголем број беа случаи на трговија со деца во нашата држава. Но, она што го сметам за особено поразително за нас како држава е дека најголем број од идентификуваните жртви беа деца“- вели тој.

ИЗВЕШТАЈ КОЈ ПРЕДУПРЕДУВА ГЛАСНО 

Најголем дел од жртвите на трговија со луѓе во Република Северна Македонија се деца, стои и во последниот извештај на Експертското тело на Советот на Европа ГРЕТА. Република Северна Македонија прави важен прв чекор кон ставање крај на без државјанството. Сепак, третиот извештај на ГРЕТА,  укажува дека сеуште има случаи на нерегистрирани деца во матичната книга на родените. Овие деца се ранливи на трговија со деца.

За неполна година (август 2019 до јули 2020), само во Скопје, мобилните тимови за поддршка на деца на улица, идентификувале и помогнале на 362 деца на улица, потенцијални жртви на трговија со луѓе. Од овие, 354 деца, (98 %)  припаѓале на ромската заедница, додека останатите осум деца (2%) биле Албанци и Македонци. 159, од овие деца или 44% немале лична документација, како што се извод од матична книга на родените, здравствена книшка или лична карта, 252 (70%) не биле запишани на училиште, ниту посетувале дневен центар за деца на улица, 97% имале невработени родители, 76% имале невработени родители кои не примале социјална помош.

Во последниот извештај останува и загриженоста на ГРЕТА  за честата стигматизација, секундарната виктимизација, недоволната институционална поддршка и грижа за жртвите.

ПРЕПОРАКИ И ЗАЛОЖБИ

„Сето ова ни’ покажува  јасна слика дека трговијата со деца, особено преку присилни бракови, е комплексен и сериозен проблем кој бара интегриран и системски пристап за превенција, идентификација и заштита. Многу случаи веројатно остануваат непријавени или неидентификувани, особено во заедници каде овие практики се прифатени или третирани како „традиција“, а не како кривично дело. Затоа, не е доволно само да ги следиме бројките, туку мора да градиме механизми и системи кои ќе им овозможат на децата да ги остварат своите права, да се ослободат од ризикот и да имаат детство кое го заслужуваат. Системската интервенција е клучна – почнувајќи од законодавството, преку образовниот систем, па се’ до здравствените и социјалните служби. Сите овие институции треба да работат координирано и посветено, со јасни процедури и обуки, за навремено препознавање на жртвите и обезбедување целосна поддршка“ – потенцира, Ана Бурагева Алексова, Секретарка на  Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Северна Македонија.

„Во Република Северна Македонија се спроведуваат активности согласно Националната стратегија 2021–2025, која е придружена со Акциски планови за борба против трговија со луѓе и Акциски план за борба против трговија со деца. Акциските планови ги опфаќаат клучните столбови: спречување, заштита на жртвите, гонење на сторителите, партнерство и соработка, со цел да имаме училишта што не само што образуваат, туку и заштитуваат, општество што не го гледа бракот на 15 години како „нормално“, туку како аларм, инвестираме во социјална еднаквост, затоа што само стабилно семејство може да даде стабилно дете“- нагласува  Ева Илиевска, Заменичка национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија, посочувајќи дека веќе е промовиран и Стратешки документ 2025-2029 година на Мрежата на национални координатори за борба против трговија со луѓе на Југоисточна Европа, кој ќе придонесе за поголема координација и синергија меѓу земјите од регионот и воведување на нови пристапи во превенцијата и казнувањето на ова кривично дело.

Љупчо Маркудов, експерт-консултант за трговија со луѓе и поранешен   Полициски началник при МВР на Република Северна Македонија во оваа насока, додава:

„Сметам дека има уште многу да се работи на подигнување на свеста за опасности и негативните последици за евентуалното вовлекување во ланецот на трговија со луѓе. Она што можевме да го направиме е да спроведеме разни едукативни превентивни кампањи и укажување за негативните ефекти по развојот на децата од ваквата пракса, но и за кривичната одговорност на родителите доколку и натаму ги практикуваат договорените, односно присилните бракови на нивните деца под изговор дека е тоа нивно обичајно право, односно нивна традиција. Кога не влијае превентивата, тогаш мора да влијае репресијата – преку поднесување на кривични пријави на сторителите на овие кривични дела, со акцент дека нема да се толерираат примена на обичајното право и традицијата кога е во спротивност со најдобриот интерес на децата“- вели тој.

Препораките на ГРETA се јасен патоказ за тоа како Северна Македонија може да ја унапреди својата заштита на децата од една од најтешките форми на кршење на човекови права.

“Во последниот извештај е потенцирано дека во наредниот период треба да се работи на зајакнување на улогата на центрите за социјална работа, бидејќи тие ја имаaт најактивната улога во превенцијата на децата, но и кон создавање услови за сместување на идентификуваните жртви. Овие капацитети мора да бидат чувствителни на пол и возраст, да обезбедуваат психо-социјална поддршка, како и пристап до образование и рехабилитација. Паралелно, потребно е да се работи на развивање на програми за рехабилитација на децата на улица, бидејќи тие често се таргетирани од трговците со луѓе. Сметаме дека потребни се континуирани обуки за сите форми на експлоатација на сите активни чинители како што е полицијата, трудовите инспектори, здравствените и социјални работници. Обуките треба да опфаќаат препознавање на сите форми на експлоатација, особено скриените форми како што се принудните бракови. Дополнително, мораме да работиме и на јакнење на капацитетите на трудовите инспектори, бидејќи проблемот со децата жртви на трговија со луѓе не е само преку присилните бракови, туку низ светот и овде, сведоци сме дека често се жртви на трудова експлоатација.  Како заклучок, сакам да нагласам дека борбата против трговијата со деца и присилните бpaкови бара долгорочна стратегија, социјална мобилизација и институционален капацитет„ забележува Маја Бошњаковска, контакт лице на МВР во ГРЕТА  од Република Северна Македонија.

ПОДДРШКА ЗА ЕФИКАСНА БОРБА ПРОТИВ ПРИСИЛНИТЕ ДЕТСКИ БРАКОВИ

Република Северна Македонија е дел од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА) со која се обврзува да се бори против трговијата со луѓе, вклучително и против присилните детски бракови, како дел и од аспирациите за пристапување во Европската Унија. Во оваа рамка, Европската унија и Советот на Европа активно се вклучени во европската заедничка акција за борба против трговијата со луѓе во Република  Северна Македонија и мисијата за спречување и борба против трговијата со луѓе преку поддршка на властите во подобрувањето на законодавството, политиката и практиката, за подигнување на свеста за ефикасна борба против трговија со луѓе и заштита на правата на жртвите на трговија со луѓе, во согласност со европските стандарди.

И, токму во таа насока, со цел превенирање и подигање на свеста за спречување на трговија со деца, информирање за да се надминат предизвиците и да се преземе акција во борбата против трговијата со деца со акцент на присилните детски бракови, Советот на Европа и Европската Унија  активно ја спроведува акцијата „Зајакнување на активностите против трговијата со луѓе во Севернa Македонија“. Акцијата е дел од програмската рамка на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, која има за цел да им помогне на корисниците во Југоисточна Европа да се „усогласат со стандардите на Советот на Европа и правото на Европската Унија во рамките на процесот на проширување“.

Минатата година, медиумот Радио Пела, поддржан од ЕУ и Советот на Европа ја спроведе  иницијативата „Промени го мислењето – остани  надвор од маѓепсаниот круг“ преку радио драма и театарска претстава „Маѓепсан круг“, прикажана во Пелагонија, а кон крајот на декември оваа година и во Скопје, има за цел да овозможи попристапен начин заедницата да препознае, открие и алармира за појавата на присилни детски бракови. Театарската претстава вклучува приказни за борба против невидливите синџири што ги држат жртвите на присилни бракови и трговија со луѓе, за подигнување на јавната свест кај локалните заедници за борба против трговијата со луѓе и присилните детски бракови.

Република Северна  Македонија и оваа година се вклучува во  одбележувањето на Светскиот ден против трговијата со луѓе, 30-ти јули, востановен од Генералното собрание на Обединетите нации,  со надеж дека ќе се прекине маѓепсаниот круг на трговија со деца за присилни детски бракови. Се додека ниту едно дете повеќе е тргувано под маската на традицијата, борбата мора да продолжи. Не само како законска, туку исто така и како морална обврска.

Makedonski