Уапсен маж кој подметнал пожар во близина на автопатот Скопје – Тетово
Педесет и деветгодишен маж од селото Арнакија, Општина Сарај, е уапсен утрово под сомнение дека намерно предизвикал пожар во близина на автопатот Скопје – Тетово, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, околу 8 часот било пријавено дека по наплатната станица Глумово, едно лице подметнува оган. Полициските екипи веднаш излегле на терен и го затекнале Р.З. (59) додека потпалувал ѓубриште и сува трева во близина на штала со добиток.
Осомничениот е приведен и задржан во полициска станица, а откако случајот ќе биде целосно документиран, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Пожарот бил навреме изгаснат од екипата на Противпожарната единица на Град Скопје.