Ирскиот министер Бирн: Ќе работам секојдневно за да го олеснам пристапувањето на Македонија во ЕУ

8

Министерот за европски прашања и одбрана на Ирска, Томас Бирн, изјави дека патот на Македонија кон Европската Унија е тежок, но посочи дека тој и другите земји-членки ќе работат секојдневно за да го поддржат процесот на пристапување, врз основа на заслуги.

Одговарајќи на прашање за понатамошните чекори во дијалогот со Бугарија и можноста за гаранции од страна на ЕУ, Бирн истакна:

„Навистина го ценам фактот дека патот на Македонија кон ЕУ е мачен. Тука бев пред три години по францускиот предлог и договор и сметаме дека тоа треба да се спроведе, така ќе се отвори преговарачкиот процес. Не можам да давам никакви гаранции во животот, освен тоа дека ќе работам секојдневно за да го олеснам вашето пристапување врз основа на заслуги.“

Тој нагласи дека имплементацијата на договорот од македонска страна ќе го деблокира почетокот на преговорите со Унијата.

„Нема друг изговор според мене – мора да се отворат преговорите. Македонскиот јазик е признаен од ЕУ, договорот за Фронтекс е составен на македонски јазик,“ рече Бирн.

Тој додаде дека со приклучувањето на Албанија во ЕУ, и македонскиот и албанскиот јазик ќе добијат еднаков статус со останатите официјални јазици на Унијата.

„Немам сомнеж дека кога ќе станете членки на ЕУ, ќе можете да зборувате на македонски, албански, англиски или француски, исто како што јас зборувам на ирски јазик во ЕУ,“ истакна Бирн.

Makedonski