Малта и Канада ќе ја признаат Палестина во септември, приклучувајќи се на Франција и можеби Британија

4

Канада и Малта објавија дека ќе ја признаат државата Палестина во септември, приклучувајќи се на Франција и Обединетото Кралство во напорите за обновување на решението со две државни и ставањето крај на речиси 80-годишниот израелско-палестински конфликт, објави агенцијата Асошиејтед прес.

Објавата на Канада дојде по владина седница, каде што премиерот Марк Карни најави дека официјалното признавање ќе биде објавено на годишното Генерално собрание на ОН, кое започнува на 23 септември. Тој изјави дека признавањето ќе биде условено со одржување општи избори во Палестина во 2026 година, без учество на Хамас, како и демилитаризација на идната палестинска држава, услови што претседателот Махмуд Абас веќе ги вети во писмо од 10 јуни.

Од името на Малта, постојаниот секретар во Министерството за надворешни работи, Кристофер Кутажар, ја соопшти одлуката на продолжената седница на Генералното собрание на ОН за решението со две држави. Тој истакна дека Малта одамна го поддржува правото на самоопределување на палестинскиот народ и дека признавањето е „конкретен чекор за претворање на тоа решение од теорија во реалност“. Премиерот Роберт Абела претходно објави на Фејсбук дека оваа одлука е дел од заложбите на земјата за траен мир на Блискиот Исток.

Со тоа, Малта, како членка на ЕУ и поранешна британска колонија, ќе се приклучи на повеќе од 145 земји во светот што ја признале државата Палестина, вклучувајќи над десетина европски држави.

Британскиот премиер Кир Стармер објави во вторникот дека Обединетото Кралство ќе ја признае Палестина пред септемвриското собрание, освен ако Израел не се согласи на прекин на огнот и долгорочен мировен процес во наредните осум недели.

Франција, Британија и Канада се трите најголеми западни сили членки на Г7 што најавиле ваков потег. Израел, кој се противи на решението со две држави, ја бојкотира конференцијата заедно со својот најблизок сојузник САД.

Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, во вторникот остро критикуваше околу 125 земји што учествуваат на конференцијата, обвинувајќи ги дека „легитимираат тероризам“ и „се занимаваат со празни изјави додека нашите заложници се во тунелите на Хамас во Газа“.

Малта возврати преку Кутажар дека признавањето не е симболичен гест, туку „конкретен чекор кон праведен и траен мир“.

Во вторникот високи претставници на конференцијата повикаа на итно дејствување и упатија „непоколеблива поддршка“ за решението со две држави. Седумстраничната „Њујоршка декларација“ претставува план за завршување на конфликтот и создавање независна, демилитаризирана палестинска држава што ќе живее во мир покрај Израел, со постепена интеграција во поширокиот регион.

Покрај тоа, 15 западни земји усвоија документ наречен „Њујоршки повик“, со кој се повикуваат сите држави што сè уште не ја признале Палестина да го сторат тоа. Во документот се наведени шест држави што веќе ја признале Палестина и девет други, меѓу кои Малта и Канада кои досега не го сториле тоа, но сега се изјасниле позитивно. Седум земји, меѓу кои Австралија, Финска, Луксембург и Португалија, сè уште немаат заземено став.

Состанокот беше прекинат откако заврши 128-от говорник, а постојаниот претставник на Саудиска Арабија во ОН, Абдулазиз Алвасил, соопшти дека финалниот документ е испратен до сите 193 земји-членки и ќе остане отворен за поддршка до почетокот на септември.

Makedonski