Герасимовски со жителите на Пролет и Маџир Маало: Субвенции за фасади, нова градинка и решавање на кабастиот отпад

5

Во рамки на проектот „Се гледаме во маало“, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со жителите на населбите Пролет и Маџир Маало. На средбата се разговараше за секојдневните проблеми на граѓаните, предлози за подобрување на условите за живеење, како и за идни проекти кои ќе се реализираат во овие делови од општината.

Ние како општина, покрај за кровови и лифтови, даваме субвенции и за фасади. Ги повикуваме граѓаните да дојдат во општина да се информираат и да ги искористат овие субвенции за реновирање на фасадите,“ истакна Герасимовски.

Тој додаде дека во соработка со Градот Скопје се преземаат редовни активности за справување со проблемот со кабастиот отпад, и потсети дека општината неколку пати годишно организира акции за негово собирање.

Како една од поважните најави, Герасимовски ја спомена изградбата на нова детска градинка во Маџир Маало, која треба да ги подобри условите за згрижување на децата во оваа урбана заедница.

Исто така во раните утрински часови денеска беше спроведена координирана акција на инспекциските служби на Општина Центар и Министерството за внатрешни работи, при што беше расчистен јавниот простор спроти зградата на „Нова Македонија“, познат и како Паркот на новинарите.

Акцијата следеше по теренска проценка и по бројни пријави од загрижени граѓани, кои алармираа за нарушување на јавниот ред и мир, поставени шатори и физички пресметки. Жителите доставиле и видео-снимки како доказ за состојбата на теренот.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека јавните простори мора да се користат согласно нивната намена и ги охрабри граѓаните навремено да пријавуваат неправилности.

Притоа, се водевме и од социјалната димензија на проблемот – на терен беше затекнато и едно лице со посебни потреби, што дополнително ја нагласува потребата од институционална поддршка. Иако Министерството за социјална политика, демографија и млади не беше дел од акцијата, сметаме дека е морално и неопходно да се вклучи во понатамошниот процес за обезбедување соодветна грижа за ранливите категории,“ изјави Герасимовски.

Тој истакна дека јавниот простор мора да остане чист, безбеден и достапен за сите граѓани.

Makedonski