Обвинителката Ленче Ристоска реагира на одлуката на Владата: „Недостаток на транспарентност и притисоци врз кандидатите“

8

По одлуката на Владата да ја отфрли листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, обвинителката Ленче Ристоска  јавно реагираше, обвинувајќи за нетранспарентна и политизирана постапка, спротивна на препораките на Советот на Европа.

„Последниве два месеци добивав директни укажувања да ја повлечам мојата кандидатура, додека паралелно во јавноста се водеше клеветничка кампања против мене,“ посочува обвинителката, додавајќи дека ваквиот потег на Владата бил очекуван, но нејасна останала формата преку која ќе се прекршат процедурите и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата задолжена за селекција на кандидатите.

Таа нагласува дека одлуката на Владата е неоснована, а тоа, како што вели, се гледа и од нејзината општа формулација, недостигот на објаснување и одбивањето да се прецизира кои критериуми не биле исполнети од кандидатите.

Според Ристоска, Советот на Европа јасно препорачува постапката да биде фер, транспарентна и однапред утврдена. „Во такви услови е сосема прифатливо да не бидете избрани, но само доколку процесот е спроведен чесно“, додава обвинителката.

Таа потсетува дека проценката на кандидатите треба да ја вршат стручни тела – националната Комисија и советодавното тело на Советот на Европа – кои се клучни за процесот на селекција. Оттаму, секое отстапување од нивните препораки, како што наведува, Владата е должна да го образложи.

Makedonski