Нов скандал: Касами продал јавен паркинг без тендер, под пазарната цена

67

По продажбата на Монополот за симболични 1 евро по метар квадратен, градоначалникот на Тетово, Билал Касами, повторно се наоѓа во фокусот на јавноста – овојпат поради спорна продажба на јавен паркинг во централното градско подрачје.

Според документите до кои дојде порталот Tetova Sot, Касами на 28 февруари 2025 година потпишал договор за продажба на паркинг со површина од 2.986 квадратни метри. Иако цената формално е утврдена на 16.000 денари по метар квадратен – што изнесува околу 800.000 евра – во реалност, купувачот уплатил само 11.8 милиони денари, односно приближно 190.000 евра. Останатиот дел од износот, како што се наведува, ќе биде “компензирана вредност”, но деталите за тоа не се вклучени во официјалниот договор.

Според експерти, ваквата пракса на “надворешна компензација” е непрозрачна и во спротивност со законите за транспарентност и јавни набавки. Уште поалармантно е што продажбата е спроведена без јавен тендер, преку процес на спојување на општинската парцела со соседна приватна – со што единствен потенцијален купувач станува сопственикот на соседниот имот.

Дополнително, според проценките, парцелата која во 2020 година била вреднувана на 1.5 милиони евра, денес достигнува пазарна цена од 2 до 2.5 милиони евра. Сепак, таа е продадена за сума далеку под реалната вредност.

Во одговор на новинарско прашање на „Tetova Sot“ пред неколку месеци, Касами изјавил дека паркингот не е продаден. Но, документите покажуваат спротивно – неговиот потпис стои на договорот.

Овој случај е последен во низата контроверзии поврзани со работењето на градоначалникот. Досега, Касами:

  • го продаде комплексот Монопол за 1 евро по м²,

  • го приватизираше ЈКП „НПК“ на австриската фирма „Saubermacher“, по што цените за услугите драстично пораснаа,

  • потпиша договор за јавно осветлување кој, според проценки, ќе ја чини општината 15 милиони евра во следните 15 години,

  • започна со приватизација на јавните паркинзи.

Покрај сето тоа, „Tetova Sot“ дознава дека по локалните избори се планира и приватизација на водоснабдувањето.

Продадената локација, според ветувањата на Касами во изборната кампања, требаше да биде простор за изградба на катна гаража. Наместо тоа, јавниот имот завршува во приватни раце, по цена далеку под реалната, наведуваат од порталот.

Makedonski