Стерјовски: Многу суштински права на Македонците во Албанија остануваат неостварени

5

„И покрај формалното признавање, многу суштински права на Македонците во Албанија и понатаму остануваат неостварени. Најпрво, образованието на мајчин македонски јазик е дозволено само во Мала Преспа, додека во другите региони каде што живее македонско население како Голо Брдо, Гора и урбаните средини, тоа право не се спроведува, што директно придонесува за постепено губење на македонскиот јазик и идентитет“, оценува Стерјовски.

Тој додава дека дополнително, административно-територијалната реформа од 2014 година негативно се одразила врз правата на Македонците во Гора и Голо Брдо, нагласувајќи дека со укинувањето на локалните општини, овие заедници останале без свои институции и механизми преку кои можат да ги штитат своите интереси и да влијаат врз локалниот развој.

„Клучно прашање е и недоволната застапеност на Македонците во институциите на системот, како на локално, така и на национално ниво. Сè уште недостигаат законски загарантирани квоти за политичко претставување на малцинствата во албанскиот Парламент, што е стандард во повеќе европски држави. Исто така, недостасува редовна програма на македонски јазик на албанската државна телевизија, што е важно за зачувување на јазикот, културата и информираноста на заедницата“, посочува тој.

Според  него, зачувувањето на македонскиот идентитет бара и континуирана поддршка од државните институции преку финансирање на културни манифестации, медиуми и здруженија на Македонците.

„Конечно, потребно е итно издвојување на посебен буџет од страна на албанската влада за развој на регионите населени со Македонци, кои веќе 35 години се системски запоставени. Без ваков пристап, нема да има реална економска и социјална рамноправност“, констатира Стерјовски.

Весникот наведува дека Стерјовски на покана на организацијата „Обединети Македонци“, ќе биде специјален гостин на 67-от традиционален илинденски пикник.

Makedonski