Словенија со историска одлука: Прва европска земја што целосно забрани трговија со оружје со Израел
Словенија стана првата држава во Европа која целосно го забрани увозот, извозот и транзитот на воено оружје и опрема од и кон Израел, вклучувајќи го и транзитот преку нејзината територија. Одлуката доаѓа во време на зголемени тензии и поделени ставови внатре во Европската унија во однос на израелско-палестинскиот конфликт.
Премиерот Роберт Голоб и претходно предупредуваше дека Словенија ќе преземе сопствени чекори доколку не се постигне заедничка позиција на ниво на ЕУ до средината на јули. Во наредниот период, словенечката влада најави и дополнителни мерки против владата на Израел, обвинувајќи ја за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Граѓаните на Газа умираат затоа што систематски им се одбива хуманитарна помош. Тие умираат под урнатини, без пристап до вода, храна и медицинска нега. Во такви услови, секоја одговорна држава има должност да реагира – дури и ако тоа значи да се преземе чекор пред останатите“, стои во соопштението на владата.
Од Љубљана потсетуваат дека Европската унија не успеала да усогласи заеднички став поради внатрешни несогласувања, што ја натерало Словенија да дејствува самостојно. Со оваа одлука, Словенија ја нагласува својата посветеност на меѓународното право и заштитата на човековите права, додаваат од владата.
Во контекст на последните дипломатски потези, пред две недели Словенија прогласи двајца израелски министри за „персона нон грата“. Станува збор за Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих, кои властите во Љубљана ги обвинија за поттикнување екстремно насилство и геноцидна реторика кон Палестинците.
Дополнително, се очекува Канада во септември да ја признае Палестина како држава, соопшти дипломатот Бен Карни.