Раскол во ВМРО-БНД: Група активисти ја напуштаат партијата, го обвинуваат Каракачанов за проруска ориентација и узурпација
Група поранешни членови на бугарската партија ВМРО најавија напуштање на организацијата и формирање ново здружение под името „ВМРО – Иван Михајлов“, со остри критики на адреса на партискиот лидер Красимир Каракачанов. Тие го обвинуваат дека ја води партијата кон проруски курс и ја довел до организациски колапс.
Меѓу иницијаторите на новото здружение се и поранешни високи функционери, како екс-пратеникот Искрен Веселинов, кој минатиот месец ја напушти партијата со образложение дека „Каракачанов ја уништува ВМРО, ја оддалечува од нејзината идеологија и ги прогонува верните членови“.
Веселинов потсетува дека во 2022 година бил избран за копретседател на ВМРО заедно со Ангел Џамбазки и Александар Сиди, додека Каракачанов тогаш доби почесна функција. Сепак, на почетокот од 2024 година, Каракачанов повторно се врати на лидерската позиција.
Во основачката декларација на „ВМРО – Иван Михајлов“, незадоволните активисти укажуваат дека партијата бележи катастрофални резултати, освојувајќи помалку од еден процент од гласовите на изборите, а најголем дел од нејзините локални структури постојат само формално. Тие го обвинуваат Каракачанов за рушење на идеолошките темели и за узурпација на внатрешната власт.
Дополнително, се изнесуваат тврдења дека Каракачанов користи реторика блиска до руската пропаганда, што, според нив, кулминирало со неговата посета на руската амбасада на 9 мај. Тие сметаат дека партијата станала маргинализирана и сведена на алатка за финансиско обезбедување на актуелното раководство.
Новото здружение повикува на мобилизација на сите националистички сили под знамето на „ВМРО – Иван Михајлов“, истакнувајќи три главни цели: заштита на бугарскиот идентитет во Северна Македонија, отпор кон руското влијание на Балканот и спротивставување на, како што велат, хегемонистичката политика на Србија.