Ристовски: Уште на почетокот предложивме или целосно да се откаже Олимпијадата или да се редуцира бројот на учесници – не одбија
Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за Радио Слободна Европа се осврна на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025, кој неодамна се одржа во Скопје, и на критиките поврзани со организацијата на настанот.
Ристовски нагласи дека Министерството за спорт не било формален организатор, туку дека за организацијата биле одговорни Олимпискиот комитет на Северна Македонија и Град Скопје, кои се потписници на договорот. Сепак, тој посочи дека Министерството дало значителна логистичка поддршка.
– Уште на почетокот предложивме или целосно да се откаже Олимпијадата, или да се редуцира бројот на учесници на околу 1.000, за што можевме да гарантираме услови како држава. Тоа беше одбиено, бидејќи организацијата беше веќе во доцна фаза – изјави Ристовски.
Тој додаде дека иако организацијата не беше без пропусти, состојбата не била „катастрофална“ како што, според него, ја прикажуваат поединци и дел од опозицијата.
Министерството, како што објасни Ристовски, обезбедило поддршка во форма на логистика – преку донации за 2.000 перници и опрема за студентските домови, делумен автобуски превоз, бесплатна употреба на спортски сали, како и промоција на настанот.
Во однос на резултатите на македонските спортисти, кои не освоија ниту еден медал, министерот истакна дека успехот во спортот се гради долгорочно и дека за значајни резултати на Олимписки игри се потребни барем два олимписки циклуса, односно четири до осум години.
– Не е точно дека младите спортисти не добиваат поддршка. Воведовме систем парите директно да се исплаќаат на спортистите, за да се избегне доцнењето што се случува кога средствата одат преку спортските федерации – потенцираше Ристовски.
Министерот се осврна и на инвестициите во спортската инфраструктура, изразувајќи гордост за постигнатото во изминатата година, иако Министерството дури по ребалансот на буџетот добило средства за реализација на капиталните проекти.