Македонија добива четворица нови амбасадори – назначени поранешни пратеници и дипломати

4

Македонија ќе биде претставувана од нови амбасадори во четири дипломатски мисии – Саудиска Арабија, Данска, Шведска и Албанија. Станува збор за микс од политички и дипломатски кадар, со поранешни пратеници и дипломати кои веќе имаат искуство во водење на амбасади.

Според информации на Телма, пред околу две недели биле одобрени четири имиња. Во новоотворената македонска амбасада во Ријад, Саудиска Арабија, ќе биде испратен Салим Сулејмани, поранешен пратеник и член на Алијансата за Албанците, кој во мај се повлече од сите партиски функции. Веднаш по неговото напуштање на политиката, беше објавено отворањето на дипломатската мисија во Ријад.

Во Данска амбасадор ќе биде Фадил Зендели, исто така поранешен пратеник, кој доаѓа од редовите на партијата БЕСА.

На дипломатската позиција во Шведска ќе замине Ивица Боцевски, кој има претходно искуство како амбасадор во Бразил.

Во Албанија, повторно ќе ја предводи амбасадата Веле Трпевски, кој веќе бил амбасадор во Тирана, како и во Австралија.

Сè уште останува непополнета амбасадорската функција во Атина. Неофицијално, како можен кандидат се споменува директор на реномирана ПР агенција.

Makedonski