Дојранското Езеро пред нова еколошка криза – водата се повлекува, хидросистемот не работи
Нивото на Дојранското Езеро речиси една година е околу 80 сантиметри под дозволениот минимум, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Водата постојано се повлекува, оставајќи голи и непристапни крајбрежја, што создава сериозни проблеми и за туристите и за локалното население.
Она што до пред неколку години беше уреден кеј со езерска линија до самото шеталиште, сега е празен предел од десетина и повеќе метри. Туристите се соочуваат со тешкотии при капење, а дојранчани не знаат како да ги уредат плажите во вакви услови.
Жителите се сè погласно загрижени. „Ѓољот“, како што од милост го нарекуваат езерото, веќе потсетува на состојбата од крајот на 20. и почетокот на 21. век, кога Дојран беше на работ на еколошка катастрофа и езерото повеќе наликуваше на мочуриште отколку на туристичка дестинација.
Решението на тогашната Влада на Љубчо Георгиевски беше Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“, преку кој од бунарите во Ѓавато, во Богданско, се доведуваше вода за стабилизирање на нивото. Но, последните три години системот не функционираше. Во ноември минатата година, со медиумска помпа, тој повторно беше пуштен во употреба од страна на министерот за животна средина Изет Меџити и пратеникот Миле Цеков. Од вкупно десет пумпи, проработеа само три, но и тие престанаа да работат по еден месец поради дефекти и дотраеност.
До пред десетина дена, единствено една пумпа сè уште дотураше вода во езерото. И таа престана, а каналот преку кој водата се влива – денес е целосно пресушен и запуштен. Дојран повторно е оставен на милост и немилост на времето и институционалната негрижа.
Без итна интервенција и темелна реконструкција на системот, Дојранското Езеро се соочува со нова сериозна закана – не само по туризмот, туку и по целокупниот локален екосистем.