100 деца чекаат евакуација во Обединетото Кралство за итен медицински третман
Повеќе од 100 критично болни и повредени деца во Газа се надеваат дека што е можно поскоро ќе бидат пренесени во Обединетото Кралство, откако владата најави програма за обезбедување здравствена нега за оние со најголема потреба, објави „Гардијан“.
Владата во неделата објави дека ќе евакуира деца од Газа во Велика Британија за лекување преку програма што ќе биде објавена во наредните неколку недели. Иако активистите ја поздравија оваа најава, тие ги повикаа министрите да дејствуваат брзо, посочувајќи дека некои деца кои чекале итна медицинска помош во Обединетото Кралство починале додека чекале, или биле принудени да бидат евакуирани во други земји.
„Претходно имавме деца на списокот, но бидејќи одобрувањето трае предолго, некои од тие деца завршија со смрт“, изјави Омар Дин, коосновач на Project Pure Hope (PPH) и здравствен извршен директор во примарната здравствена заштита на NHS.
Оваа добротворна организација досега има донесено три деца во Обединетото Кралство оваа година.
„Не е предоцна во смисла дека сè уште има луѓе кои може да се спасат, има многу деца“, рече Дин кој додаде дека ова требало да се направи многу порано.
Одлуката на Велика Британија да се понуди за помош, доаѓа во период кога од глад умираат луѓе во Газа поради блокадата на помошта од Израел, појасот во кој повеќе од 50.000 Палестинци се убиени од 7 октомври досега.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека околу 12.500 пациенти во Газа имаат потреба од медицинска евакуација, а хуманитарни организации повикуваат повеќе земји да помогнат.