Меџити ќе се повлече од Владата ако стане градоначалник на Чаир – Беким Сали предложен за негов наследник
Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, најави дека ќе се повлече од извршната власт доколку биде избран за градоначалник на Општина Чаир. Според информациите од ВЛЕН на неговото место би дошол поранешниот министер за здравство, Беким Сали.
„Во рамки на коалицијата ВЛЕН направивме темелна анализа и донесовме заедничка одлука – доколку се вратам во Општина Чаир како градоначалник, функцијата прв заменик-претседател на Владата ќе ја преземе Беким Сали. Тој има искуство, знаење и капацитет за тимска работа, а верувам дека ќе ја извршува функцијата дури и подобро од мене,“ изјави Меџити.
Беким Сали е познат на јавноста како поранешен министер за здравство и претставник на партијата Алтернатива, а во рамките на коалицијата ВЛЕН се смета за еден од потенцијалните носители на повисоки државни функции.