Инциденти со националистички скандирања на натпреварот на Шкендија – институциите отворија постапка
На синоќешниот натпревар на тетовска Шкендија на арената „Тодор Проески“ дел од неколкуилјадната публика извикуваше националистички и политички пораки, меѓу кои „Илирида“ и слогани поврзани со т.н. Голема Албанија.
Ова се случи и покрај претходните апели од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и раководството на клубот за фер и достоинствено навивање. Инцидентот веднаш беше пренесен од повеќе медиуми и предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, слично како и по неодамнешниот кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Романија.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека е започната истражна постапка, врз основа на обезбедени видео и фото материјали, во координација со надлежниот јавен обвинител. Целта е целосно расветлување на случајот и идентификација на сите лица вклучени во инцидентот.
Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека постапува во соработка со МВР.
Меѓу присутните на стадионот беа и високи политички фигури – вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за економија Бесар Дурмиши, како и лидерите на ДУИ и АА, Али Ахмети и Арбен Таравари. Претседателот на Собранието, кој пред неколку дена јавно осуди слични инциденти, овојпат на својот Фејсбук профил им честиташе на навивачите, нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираа остро на ваквите случувања, повикувајќи ги институциите итно да постапат и да спроведат најавени санкции. Комитетот предупреди дека ваквите пораки, како „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“, не само што немаат место во спортот, туку и го нарушуваат соживотот и поттикнуваат меѓуетнички тензии и можни злосторства од омраза.
Фудбалската федерација, пак, пред почетокот на натпреварот повторно апелираше за спортско и фер навивање, повикувајќи навивачите да избегнуваат провокации и навреди.
Овој инцидент е уште еден од серијата спортски настани во кои, наместо спортскиот дух, доминираа пораки со етничка и политичка конотација. Обвинителството веќе води постапка и за слични скандирања на натпреварот во Куманово, одржан на 2 август, каде што дел од учесниците веќе биле повикани на информативен разговор.