Зборуе радио Скопје: Стотројка ќе ја одбележи 80-годишнината на Македонското радио
По повод 80-годишнината од постоењето на Македонското радио, култната радио станица Канал 103 утре од 21 часот во кафе барот Ла Кања во Старата чаршија организира настан на кој ќе биде претставен постер на Иван Ивановски насловен „Зборуе Радио Скопје“.
„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио. Овие зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ, соопшти организаторот.
Како што додаваат од Канал 103, тие на 27 декември, во предвечерјето на овој исклучително значаен јубилеј за македонската државност и култура, во соработка со Партизанска штампа, 5060 и Фликер студио, ќе го претстават пригодниот свечен постер во авторство на македонскиот ликовен уметник Иван Ивановски, едноставно насловен „Зборуе Радио Скопје“.
„Станува збор за графика во сито печат техника, достапна во ексклузивен лимитиран тираж. Вечерта звучно ќе ја обликува Ѓорѓи Јаневски со широк спектар на македонска музика во сите правци, архивски материјали, теренски снимки и некои необјавени ушни
задоволства“, се вели во соопштението.