Во Грција досега потврдени 26 случаи на вирусот Западен Нил, девет новозаразени во последната недела

6

Вкупно 26 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил се потврдени во Грција, од кои девет се регистрирани во текот на изминатата недела, соопшти Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), пренесува дописничката на МИА од Атина.

Според неделниот извештај на ЕОДИ, кај 23 лица се развиле симптоми поврзани со централниот нервен систем, како што се енцефалитис, менингитис или акутна парализа, додека останатите три случаи се со благи или без никакви симптоми.

Во извештајот е евидентиран и еден случај на инфекција увезен од странство – поточно од Србија – кој не се вклучува во домашната епидемиолошка анализа.

Најголем дел од случаите се пријавени во областа Атика, поширокиот регион околу Атина, додека другите се распоредени низ западна, североисточна Грција и Тесалија.

Првите инфекции за ова лето беа регистрирани во јули, кога за само два дена беа потврдени четири случаи во Атика.

Вирусот Западен Нил, кој го пренесуваат комарци, циркулира во Грција речиси секое лето од 2010 година наваму, со исклучок на 2015 и 2016 година. Најтешка сезона била 2018 година со 317 заразени и 51 смртен случај, додека минатата година беа евидентирани 220 случаи и 35 починати.

Makedonski