Хорот „Св. Серафим Саровски“ вечерва со концерт во „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“
Во рамки на музичката програма на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапи професионалниот хор „Св. Серафим Саровски“ од Србија.
Хорот е основан во 1995 година во Зрењанин по иницијатива на Душан Сланкаменац, а под диригентска палка на Камелија Ќириќ. Првично составен од околу дваесетина хористи, од него подоцна се формира машкиот октет „Св. Серафим Саровски“, кој добива благослов од епископот Хризостом и започнува со активно учество во богослужбите во храмот „Св. Меланија Римјанка“ во Зрењанин.
Под водство на проф. Владимир Првуловиќ, хорот го проширува својот репертоар и настапува не само во црковен туку и во концертен контекст. Особено се истакнуваат традиционалните концерти посветени на свети Серафим Саровски, како и редовните настапи низ епархиите во Србија и пошироко.
Хорот има освоено бројни награди и има значајна меѓународна активност, настапувајќи во храмови и концертни сали во градови низ Европа и светот, меѓу кои Штутгарт, Лондон, Малме, Виена, Будимпешта, Берлин, Москва, па дури и Сиднеј и Мелбурн.
Денес, составот го сочинуваат седум професионални пејачи со долгогодишно искуство, кои на публиката ѝ нудат репертоар од духовна, староградска и популарна музика, со акцент на човечкиот глас како најубав инструмент.
Концертот во „Света Софија“ се очекува да понуди уникатно хорско доживување во еден од највпечатливите акустични простори во Охрид.