Гаши денеска ќе ги распише осмите локални избори

7

Според изборните рокови, изборните листи се поднесуваат најдоцна 35 дена пред денот на одржување на изборите, а Државната изборна комисија треба да ги утврди листите до 27 септември. Изборната кампања ќе трае 20 дена и треба да почне на 30 септември.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори е речиси 10 милиони евра, од кои две третини се наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Увидот во Избирачкиот список (ИС) почнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае 20 дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, односно оние со наполнети 18 години, ќе можат да ги проверат своите податоци во ИС и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги достават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата. Избирачите можат и сега да го сторат тоа, но ажурираниот Избирачки список за локалните избори до ДИК ќе биде доставен набрзо по распишувањето на изборите.

Локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.

Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Makedonski