Германија ја стопира воената помош за Израел што може да се користи во Газа

5

Германија нема да одобри никакви извози на воена опрема за Израел што би можеле да се користат во Газа „до понатамошно известување“, изјави во петокот германскиот канцелар Фридрих Мерц. Одлуката доаѓа како брз одговор на еден од најсилните меѓународни сојузници на Израел на одлуката на кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја преземе контролата врз градот Газа, пишува Асошиејтед прес.

Потегот, кој претставува поостра позиција од претходната воздржаност на Берлин во однос на мерките што ги преземаа некои членки на ЕУ против израелската влада, веројатно дополнително ќе го изолира Израел. Планот за воено преземање на градот Газа беше осуден од Обединетите нации, хуманитарни и организации за човекови права, како и од поддржувачите на израелските заложници во Газа.

Германија, заедно со САД и Италија, е меѓу главните странски снабдувачи на израелската војска. Прекинот на испораките се надоврзува на економските, воените и дипломатските мерки преземени од повеќе европски држави против Израел во последниве месеци, поради загриженост за дејствијата на израелската влада во речиси двегодишната војна во Газа.

„Израел има право да се брани од теророт на Хамас“, рече Мерц во соопштение, додавајќи дека ослободувањето на израелските заложници и суштинските преговори за прекин на огнот се „наш врвен приоритет“. Тој истакна дека Хамас не смее да има улога во идното управување со Газа.

„Сè пожестокото воено дејствување на израелската армија во Појасот Газа, одобрено од израелскиот кабинет синоќа, сè повеќе го отежнува предвидувањето како овие цели ќе бидат постигнати“, нагласи Мерц. „Под овие околности, германската влада нема да одобри никакви извози на воена опрема што може да се користи во Појасот Газа, до понатамошно известување“, додаде канцеларот.

Според израелската влада, Нетанјаху разговарал со Мерц во петокот и изразил разочарување од одлукат, обвинувајќи ја Германија дека го наградува Хамас и не ја поддржува „праведната војна“ на Израел.

Не е веднаш познато која конкретна воена опрема од Германија ќе биде засегната од прекинот. Германската влада одби да коментира.

Германија досега предводеше напори во рамки на ЕУ за блокирање на заедничките критики или мерки за запирање на израелската блокада на Газа. Заедно со Унгарија и Чешка, Берлин се спротивстави на повиците од Шпанија, Ирска и Холандија за укинување на билатералниот договор со Израел, санкционирање на населеничките активности и воведување ембарго на оружје.

Мерц нагласи дека германската влада останува длабоко загрижена за страдањата на цивилите во Газа. „Со планираната офанзива, израелската влада има уште поголема одговорност отколку порано да обезбеди грижа за нивните потреби,“ рече тој, повикувајќи Израел да овозможи целосен пристап за доставување хуманитарна помош, вклучително и за агенциите на ОН и невладините организации.

Одлуката има особена тежина, бидејќи Германија се смета за еден од најсилните поддржувачи на Израел што историски се темели на нејзината одговорност за Холокаустот и посветеноста на осигурување на безбедноста на Израел и борбата против антисемитизмот.

Владата на Мерц не се придружи на најавите на францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер дека нивните земји ќе ја признаат палестинската држава во септември.

Војната на Израел во Газа, која вклучува воздушни и копнени операции, досега усмрти десетици илјади луѓе, расели поголем дел од населението, уништи големи подрачја и ја доведе територијата до раб на глад. Кампањата започна по нападот на милитанти предводени од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе и киднапирани 251.

Мерц исто така ја повика израелската влада „да не презема дополнителни чекори кон анексија на Западниот Брег“.

Makedonski