Локалните избори закажани за 19 октомври – вториот круг на 2 ноември

6

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги распиша редовните локални избори, што ќе се одржат на 19 октомври. Вториот круг, каде што ќе биде потребен, е закажан за 2 ноември.

Со потпишувањето на решението стартуваат законските рокови за изборните дејствија на Државната изборна комисија. Кампањата официјално почнува 20 дена пред гласањето, а Гаши најави дека во тој период нема да има пленарни седници за да се избегне партиска злоупотреба на говорницата.

„Изборите се сржта на демократијата – момент за избор на одговорни лидери со визија“, изјави тој, повикувајќи на фер натпревар, без притисоци и говор на омраза.

Увидот во Избирачкиот список ќе почне 15 дена по распишувањето и ќе трае 20 дена, а листите со кандидати треба да се поднесат најдоцна до 15 септември.

Буџетот за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се за медиумско претставување и политичко рекламирање. Дополнителните трошоци за избирачките одбори и транспорт на материјалот ќе ги покриваат општините.

Makedonski