Трамп и Путин ќе се сретнат во Алјаска за мировен договор меѓу Русија и Украина

4

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин следната недела ќе се сретнат во САД, во обид да постигнат мировен договор кој би можел да бара Украина да направи значајни територијални отстапки.

Двајцата лидери ќе одржат средба на 15 август во Алјаска, пишува Вашингтон пост, со цел да договорат примирје и да стават крај на војната во Украина која Русија ја започна пред три и пол години со инвазија врз земјата. Трамп не прецизираше дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на средбата.

Претходно во петокот, Трамп изјави дека условите на мировниот договор може да бараат Украина да отстапи територија на Русија, отстапка што за Киев и неговите европски сојузници би била тешко прифатлива.

„Гледате територија за која се војуваше три и пол години. Знаете, многу Руси загинаа, многу Украинци загинаа. Ќе има некоја размена на територии за добробит на двете страни“, рече Трамп.

Официјалниот претставник на Кремљ, Јури Ушаков потврди дека самитот ќе се одржи во Алјаска. „Се чини сосема логично нашата делегација едноставно да прелета преку Беринговиот Теснец“, изјави тој, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС. Ушаков додаде дека е можно одржување и втор самит во Москва и дека поканата за таква средба веќе му била пренесена на Трамп.

Движењето кон организација на самитот забрза по средата, кога пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, имаше тричасовна средба со Путин во Москва. Виткоф од средбата замина со предлог од Путин, кој, според американскиот државен секретар Марко Рубио, „првпат“ содржел „конкретни примери за тоа што Русија би барала за да ја заврши војната“.

Не е јасно што точно мислел Трамп со „размена на територии“. Украина во моментов контролира само околу десет километри квадратни руска територија во западниот дел на Курската област. Русија, пак, контролира околу една петтина од суверената територија на Украина. Во август 2024 година, Украина зазеде околу 1000 километри квадратни руска територија, но по едногодишно повлекување, најголемиот дел од таа позиција е изгубен, а разговорите за размена на територии стишаа.

Русија одамна инсистира секој договор да го признае нејзиното владеење над Крим, кој нелегално го анектираше во 2014 година, како и четири други региони во источна Украина – Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје. Москва ја контролира целата област Луганск, но не успеа да го освои целиот регион Донецк, вклучително и клучни градови.

Руските сили беа протерани од градот Херсон во украинската контраофанзива во 2022 година, но сè уште контролираат дел од регионот. Исто така, држат делови од регионот Запорожје, но никогаш не стигнаа до истоимениот регионален главен град во кој живеат многу Украинци што побегнаа од фронтот. Украина јасно стави до знаење дека секој договор кој би вклучувал предавање на неконтролирана територија на Русија е неприфатлив.

Трамп, исто така, напомена дека Зеленски се соочува со уставни ограничувања за каква било отстапка на територија.

„Знаете, тој не е овластен да прави одредени работи“, рече Трамп. „Му реков: ‘Па, ќе мораш тоа да го завршиш брзо, затоа што, знаеш, многу сме блиску до договор.’ И тој тоа го прави“, додаде Трамп.

Биле разгледувани неколку потенцијални локации за средбата. Путин јавно ги спомена Обединетите Арапски Емирати, а некои опции, како Рим, би можеле да бидат проблематични поради тоа што Меѓународниот кривичен суд во 2023 година издаде налог за апсење на Путин за наводна вмешаност во киднапирање деца од Украина за време на војната. Со оглед на тоа што САД не се дел од судот, состанокот во Алјаска го избегнува тој проблем.

Makedonski