Кондарко: Независните кандидати на локалните избори ќе учествуваат без собирање потписи

5

Од 2006 година досега, Изборниот законик е менуван и дополнуван повеќе од 30 пати, а претседателот на Државната изборна комисија, Александар Кондарко, смета дека е потребно донесување на целосно нов закон со широк политички консензус и учество на сите чинители.

Во гостувањето на Сител, Кондарко изрази жалење што Собранието не ги усвоило предложените измени кои, според него, ќе ја олеснеле работата на ДИК. Тој потврди дека независните кандидати и групи избирачи ќе можат да учествуваат на локалните избори без да собираат потписи, по одлуката на Уставниот суд да ги укине соодветните законски одредби.

„Правото е неспорно и ДИК ќе го примени законот еднакво за сите учесници“, нагласи Кондарко, додавајќи дека ќе биде прецизирано Упатството за поднесување на кандидатски листи, но без воспоставување или одземање права.

Тој истакна дека моментално нема услови за предвремена кампања, бидејќи сè уште не се поднесени и потврдени кандидатски листи. Јавниот увид во Избирачкиот список ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена, а уредите за отпечаток на прст, воведени во 2021 година, остануваат целосно функционални.

Брзината на објавувањето на изборните резултати, според Кондарко, ќе зависи од работата на избирачките одбори на денот на гласањето.

Makedonski