Црна Гора бара меѓународна помош за гаснење на шумските пожари
Црна Гора бара меѓународна помош за гаснење на шумските пожари. Земјата се соочува со пожари на повеќе локации, вклучително и во близина на Подгорица, заради што одлучи да ги активира меѓународните механизми за помош. Владата на Црна Гора се обрати до НАТО, односно до Евроатлантскиот центар за координација на одговор на катастрофи, а помош се бара и преку механизамот на ЕУ за цивилна заштита и билатерални договори со други земји.
Интензивните шумски пожари на повеќе локации низ државата, веќе уништија големи површини, а без зафатени и објекти и домови. Неколкумина пожарникари се повредени, а Владата објави дека нејзините ресурси не се доволни за да се справат со кризата. Условите за гаснење се многу тешки, бидејќи огнот се шири на тешко достапни места, во услови на високи температури, силен ветер и суша, заради што е побарана помош за гаснење од воздух.
„Според проценката на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, моментално достапните ресурси не се доволни за ефикасно сузбивање на пожарите, особено во тешко достапните подрачја и во услови на високи температури, силни ветрови и суша“, објави владата.
Според известувањата, во моментов активни пожари има во општините Подгорица, Будва, Бар, Никшиќ, Шавник и Бијело Поље, а главниот патен правец Подгорица-Никшиќ е затворен за движење. Според Дирекцијата за заштита и спасување на Црна Гора најтешка е ситуацијата кај местото Пипери, каде што пожарите се приближуваат кон куќи, заради што се евакуирани неколку домаќинства.
„Воздушните капацитети на Црна Гора, авиони и хеликоптери, работат со полн капацитет, но поради обемот на пожарите и ограничените технички можности не можат да одговорат на сите потреби“, велат од Владата и додаваат дека временската прогноза предвидува во наредните денови да продолжат неповолните временски услови.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, изјави дека црногорската влада ќе им пружи секаква потребна поддршка на граѓаните кои претрпеа штета во пожарите, со цел да ги отстранат последиците и да го надоместат изгубеното.
„Овие предизвици се тешки, но ќе ги надминеме заедно, со верба во силата и единството на нашата заедница“, напиша Спајиќ на X и се заблагодари на Хрватска, Србија, Словенија, Европската Унија и НАТО за нивната помош во гаснењето на пожарот.
Во гаснењето на пожарите се приклучија и канадер од Хрватска и хеликоптер од Србија.