Протест во Љубојно поради сечење на шумата – жителите стравуваат за водоснабдувањето и безбедноста на селото

5

Жителите на селото Љубојно утринава излегоа на протест против масовното сечење на шумата над селото, предупредувајќи дека активностите ќе го загрозат водоснабдувањето и ќе создадат ризик од поплави.

Според мештаните, концесионерската компанија која работи на теренот – по реакциите на населението – денес ги повлекла работниците и камионите. Од МВР потврдија дека настанот е евидентиран, но најавија дополнителни информации во текот на денот.

Протестантите тврдат дека станува збор за „гола сеча“ во непосредна близина на селото и најавуваат блокади за да го спречат извозот на дрвната маса. „Кога ќе нема шума, дождовницата ќе се слева директно кон куќите. Патот што го користат камионите не е јавен, туку пат што ние самите го направивме со сопствени средства“, изјави еден од жителите.

Дополнително, локалците изразуваат загриженост бидејќи резервоарот од кој се снабдуваат со вода се наоѓа под делот каде што се врши сечата.

Од подружницата на ЈП „Национални шуми“ во Ресен велат дека сечата е законска и одобрена од надлежните институции. „Се работи согласно сите плански документи и одлуки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со стручна проценка од шумарски инженери“, изјави Васко Лозановски од организацијата „Преспа Дрво“.

Makedonski