Четворица приведени за пукањето во Тетово – меѓу нив две жени и двајца малолетници
Полицијата во Тетово приведе четири лица, меѓу кои две жени и двајца малолетници, во рамки на истрагата за пукањето што во неделата се случи во населбата Блок 82, при што загина едно лице, а четворица беа повредени.
Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово соопшти дека вчера, од 12:50 до 15 часот, биле извршени претреси на повеќе локации во селото Гајре, по судска наредба. При акцијата биле пронајдени предмети од интерес за истрагата, а биле лишени од слобода А.М. (41) и Е.М. (19), како и двајца малолетници на возраст од 15 и 17 години, сите од истото село.
Инцидентот во неделата избувнал околу 12:30 часот на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“, кога дошло до вооружен судир меѓу лица од две возила. При престрелката настрадало едно лице, а повредени биле двајца мажи на возраст од 32 и 37 години, како и 12-годишно девојче. Случаен минувач бил удрен со возило и се здобил со скршена нога.
По инцидентот, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улица „113“, а другото во непознат правец. Возилото „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кое било забележано на улица „113“, било со одјавени таблички и во сопственост на 19-годишната Е.М. од Гајре. На местото на пукањето бил пронајден син „Голф“, во кој се наоѓало телото на жртвата со повеќе прострелни рани.
СВР Тетово информира дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сите вклучени лица.