Министерството презема издавање лиценци за стоматолозите – половина од нив во ризик да останат без дозвола за работа
Во следните два месеци, околу 50% од вкупно 2.850 стоматолози во земјата ризикуваат да останат без лиценца поради преземањето на надлежностите на Стоматолошката комора од страна на Министерството за здравство. Министрот Азир Алиу денес најави дека е воспоставен алгоритам за поднесување и обработка на апликациите, со цел да нема застој во издавањето и обновувањето на дозволите за работа.
„Од денес сите барања за лиценци ќе се поднесуваат кај нас. Секторот за стоматологија, заедно со вработените од Комората, ќе ги процесира сите апликации. Нема да има застои – ќе има ред и закон,“ изјави Алиу.
Обуките преминуваат под капата на јавните факултети
Министерството го презема и организирањето на задолжителните обуки за стоматолозите, кои ќе се спроведуваат во хибридна форма преку Стоматолошкиот факултет во Скопје и оној во Тетово. Обуките, семинарите и симпозиумите се неопходни за добивање 20 поени, услов за продолжување на лиценците на секои седум години.
Причини за преземањето – сомнежи за финансиски неправилности
Од Министерството велат дека одлуката била донесена поради индиции за финансиски манипулации од страна на здруженија кои, според нив, нелегитимно организирале обуки. Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, ги демантира овие обвинувања и побара од надлежните органи да го испитаат случајот, нагласувајќи дека досега ниту една контрола не утврдила неправилности.
Случајот ќе го разгледаат и Финансиската полиција и Јавното обвинителство.