Во Струмица одбележана 74 годишнината од стрелањето на петте струмички студенти
Со панихида на вечното почивалиште како и со положување на свежо цвеќе на споменикот во малиот парк денеска во Струмица беше одбележана седумдесет и четири годишнината од убиството на петте струмички студенти:
- Мирко Пецев
- Борис Белев
- Ѓорѓи Костуранов
- Стево Топчев
- Ѓорѓи Јармов
Одбележувањето започна со рецитал кој го реализираа рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“, а после тоа свое излагање имаше и Никола Андонов, претседател на Здружението на политички затвореници.
Кога се зборува за струмичката студентска петорка, важно е да се нагласи времето во кое тие дејствувале, како и нивните визии, желби, идеи и свеста за македонската националност, самобитност и припадност.
По завршувањето на Втората светска војна, нивните напредни идеи и политички ставови ги поттикнале, како студенти, да се вклучат во првите редови на изразување на незадоволството од идеологијата и политиката на тогашниот комунистички режим.
Нивната визија и цел, заедно со нашата, ќе ја преточиме во традиција, вложувајќи напори за правна, демократска, економски просперитетна, независна и суверена македонска држава – членка на Европската унија,“ истакна Андонов.
На одбележувањето во малиот парк свежо цвеќе положија семејствата на петмината струмички студенти, делегации од Општината и политички партии меѓу кои: СДСМ, ВМРО-Народна партија, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ како и повеќе здруженија на граѓани од Струмица, Радовиш, Валандово, Богданци.
Петте струмички студенти поради своите различни ставови од тогашната комунистичка власт како и поврзаноста со ВМРО и идејата за самостојна и независна Македонија на 13 август 1951 година без никаков повод и судска одлука се лишени од слобода, измачувани и на Беласица планина свирепо убиени од страна на тогашните воено-полициски органи. Низ годините повеќе пати им се сквернават спомен обележјата но сепак истрајноста на семејствата е клучна за одбележувањето на нивниот спомен и изградбата на достоинствен споменик кој денеска го краси малиот парк во Струмица.