САД: Новинарите и натаму под закана, слабости во владеењето на правото во Македонија

4

Во најновиот извештај за човекови права за 2024 година, американскиот Стејт департмент оценува дека состојбата во Северна Македонија е слична на претходните години, но сериозен проблем и натаму се заканите и насилството врз новинарите, како и ограничувањата на слободата на изразување.

Иако Уставот ја гарантира слободата на говор, новинарските организации предупредуваат на зголемен број SLAPP тужби, притисоци и несоодветно однесување на јавни функционери кон медиумите. Меѓу наведените случаи се заканите кон новинарката Лепа Џундева по интервју со грчки функционер и физичкиот напад врз новинарот Фуркан Салиу од полициски службеник.

Здружението на новинари на Македонија бележи пораст на инциденти, особено насочени кон новинарки. „Репортери без граници“ предупредуваат дека медиумите се под силен притисок поради политичката поларизација, додека јавниот сервис останува без целосна уредничка и финансиска независност.

Извештајот укажува и на ризици од корупција во медиумите поради законските измени што ѝ дозволуваат на владата да објавува платени кампањи во медиуми, што независните редакции го сметаат за потенцијален инструмент за политичко влијание.

Во делот за владеењето на правото, нотирани се ограничена примена на механизмите за казнување злоупотреби, ниска доверба во правосудството и недоволна транспарентност во трошењето државни средства.

Се посочуваат и прекршувања на работничките права, како слабата заштита на синдикалното организирање, непочитување на законот за минимална плата и несоодветни стандарди за безбедност, особено во текстилниот и градежниот сектор.

Извештајот бележи и прекумерна употреба на сила од полицијата, рани бракови во ромската заедница и слабости во заштитата на бегалците и барателите на азил.

Стејт департментот заклучува дека потребни се посилни институции, независни медиуми и поголема транспарентност за да се обезбеди вистинско владеење на правото и заштита на основните човекови слободи.

Makedonski