„Море сокол пие“ од Дарија Андовска со светска премиера во Италија

6

Плодната соработка меѓу македонскиот тенор со светска кариера Благој Нацоски и реномираната композиторка Дарија Андовска доби ново поглавје со уште една светска премиера. На 9. издание на PianoLab фестивалот во Италија, за првпат беше изведена најновата композиција „Море сокол пие“, во интерпретација на Нацоски и пијанистот Андреа Скалцо.

PianoLab, основан од организацијата La Ghironda APS во 2017 година, е уникатен „мобилен“ фестивал кој ја спојува музиката и архитектурата преку концерти на историски локации во регионот Пулија и во Матера. Настанот го слави пијаното како „крал на инструментите“, обединувајќи професионалци, студенти и љубители на музиката, а програмата вклучува рецитали, настапи на светски пијанисти и популарниот маратон „Suona con noi“.

Овогодишното, деветто издание, одржано на 11 и 12 август, првпат понуди и рецитали за глас и пијано, со 20 концерти на три локации во Мартина Франка. Рециталот на Нацоски и Скалцо беше музичко патување низ опусите на Хендл, Белини, Тости, Пучини, Масне и Бритн, кулминирајќи со светската премиера на „Море сокол пие“, дело што Андовска го создаде специјално за Нацоски.

Makedonski